Издавачката куќа Маска и Кинотеката на Македонија организираат промоција на книгата поезија „Постела за сонот“ од писателката Снежана Петрова-Џамбазова. Промоцијата е закажана за утре (12 декември, среда) во 11:00 часот, во просториите на Кинотеката на Македонија.
Снежана Петрова-Џамбазова (асистент-истражувач во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје), досега ги има објавено книгите „Така се зборува во Велес“ (2007), „Збороредот во рамкитена ИГ во прозата на Славко Јаневски“ , „Направете место“ и „Другарска азбука(поезија за деца, 2012)“.
„Постела за сонот“ (поезија, 2012) е нејзина последна објавена книга, во која песните се поделени во три циклуса: Постела за сонот, Галоп- време-мисла и Посвети и посветувања…
Писателот Гоце Смилевски, за книгата„Постела за сонот“, меѓу другото, има напишано: „…Поетскиот ракопис донесува стихови запишани на границата меѓу појавното и насетуваното, реалното и имагинарното, секогаш поставени на релацијата меѓу Јас и Ти, и замисленоста на лирскиот субјект над ваквата релација…“
Книгата ќе ја промовираат: д-р Владимир Мартиновски, професор на катедрата по компаративна книжевност при Филолошкиот факултет на УКИМ, и д-р Лидија Тантуровска, научен советник во Инситутот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а стихови од последната збирка поезија на Петрова-Џамбазова ќе чита актерката Мими Таневска.
Изданието е печатено со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.