Промоција на книгата „Од Моцарт до мобилните телефони“ на МОВ

Во рамките на Мајските оперски вечери 2013 денеска (среда, 29 мај 2013 година) во Фоајето на Македонската опера и балет, со почеток во 11:00 часот, ќе биде промовирано делото „Од Моцарт до мобилните телефони“ на Крсто Скубев.

Промотори на ова дело ќе бидат: Проф. д-р Александар Прокопиев-рецензент и Марко Коловски-музиколог. Издавач на книгата е Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Книгата е културолошка студија за влијанието на мас медиумите во обликувањето на музичкиот производ и одразот на тоа влијание врз консументите, или како што рецензентот Александар Прокопиев ќе ја означи како: „Студија за елитноста VS потрошувачкиот менталитет“. Еве дел од рецензијата: Вредноста и актуелноста на ова дело се токму во специфичната согледба на авторот кој успеал во оваа културолошка тема за најуниверзалната, најраспространетата и најконсумирана уметност да го извлече есенцијалното од односот дело – публика низ историските периоди, од почетоците па сè до најновата епоха, која може да се означи како мас-медиумска.

Крсто Скубев е дипломиран продуцент на Факултетот за Драмски уметности – Скопје. Магистер по културологија (во книжевноста). Во културата, од „мали“ нозе. Член е на аматерски културно-уметнички друштва, долгогодишен член на АКУД „Мирче Ацев“, хорот на МРТВ, хорот на Операта на МНТ. Во МНТ работи од 1981 г. Толкувал неколку актерски улоги во Драмата на МНТ, како и солистички делници во Операта. Од 1995 до 2007 г. работел како раководител на Секторот за маркетинг, пропаганда, документација и издавачка дејност во МНТ и во Македонската опера и балет. Во моментов член на маркетинг-тимот на Македонската опера и балет.

You May Also Like