Новата поетска збирка на Владимир Мартиновски е трет дел од неговата тетралогија „Квартети“, во која низ четирите поетски циклуси повторно имаме можност да се нурнеме во едно поетско изобилство на музика, слики… и „вистинска вода“.
На 10 ноември (понеделник) во галеријата на МКЦ, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на поетската книга „Вистинска вода“ на Владимир Мартиновски во издание на „Кликер книги“.
„Мартиновски и во овој свој најнов поетски ракопис е веднаш препознатлив по бравурозните поетски остварувања вдахновени од копнежот по непознатото, од игривоста сфатена како животна филозофија на светот надвор и внатре во нас, од љубовта што прегрнува и бара да биде прегрната поради обновата на нејзината моќ, од екстазата на малите возбуди што знаат да ни донесат големи радости ако правилно и великодушно проникнеме во нив, од созвучната хармонична музика што ги обединува хоризонтите наоколу и ни ја облагородува душата“, ќе рече Звонко Танески во својот осврт кон оваа поетска збирка.
Промоцијата на книгата е замислена како музичко-поетска интерпретација: музиката е на басистот Оливер Јосифовски, а стиховите ќе ги читаат авторот и поетот Ѓоко Здравески.
Владимир Мартиновски е роден во 1974 година во Скопје. Тој е поет, есеист, раскажувач, книжевен теоретичар и преведувач. Работи како вонреден професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. За поетската книга „Квартети“ добитник е престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. „Вистинска вода“ е негова седма збирка поезија.