Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје информира дека на 28 февруари (петок) од 20:00 часот во книжарницата Магор кафе ќе се одржи промоција на книгата Агрегатна состојба од хрватскиот писател и историчар на уметност, Звонко Маковиќ. Книгата ќе ја промовира професорката д-р Лидија Капушевска – Дракулевска.
Потврдено е и гостувањето на авторот. Настанот ќе го модерира писателот Владимир ЈАНКОВСКИ.Книгата е во препев на македонскиот поет Никола МАЏИРОВ.
Звонко Маковиќ е роден 1947 година. дипломирал Историја на уметност и Компаративна книжевност на Философскиот факултет во Загреб, каде што е редовен професор на Одделот за историја на уметност и шеф на Катедрата за модерна уметност и визуелни комуникации. Неговата прва книга поезијаод 1968 година му ја донесе наградата на Фондацијата А. Б. Шимиќ. Во 2001 година за својот поетски опус ја доби националната награда Горанов венец. Звонко Маковиќ има објавено и пет книги есеи, неколку книги колумни и фељтони, како и монографии посветени на одделни современи уметници. Тој бил организатор на бројни изложби од современата уметност, како и национален селектор за Венециското биенале. Неговите песни се преведени на англиски, германски, француски, холандски, италијански, полски, словенечки и на македонски.
Поетот и историчар на уметност Звонко Маковиќ ја разоткрива ранливоста и
резигнацијата на типичниот интелектуалец на XX век во времето на насилство, кој не гледа никаква можност да развие пост-катастрофален идентитет, фрагментиран како фотографија искината на парчиња… Главната моќ на овој акт на естетска резигнација и етичко разочарување е во возбудливата едноставност на книжевниот стил на Маковиќ, кој силно се спротивставува на гласните прокламации кои често ги следат драстичните сцени на насилство и смрт.
Сибила Петлевски