Промоција на книга за Јога

Денеска (недела, 23 декември, 2012) во Меморијалниот центар „Никола Кљусев“ (до Домот на АРМ) во 18:30 часот, ќе биде промовирана книгата „Сатсанг – средба со вистината“ од учителот по јога Павлос К. Хасанагас, во издание на Јога Сојузот на Македонија.

Промоцијата на книгата е завршната манифестација од одбележувањето на 40-годишнината од постоењето и предавањето на јогата во Македонија, која во текот на целата измината година се одбележуваше низ Центрите на Јога-сојузот на Македонија во целата држава.

Сатсанг е санскритски термин кој се користи за да се означи „средба, дружење со вистината“, што би требало да се разбере како разговор со мудрец или духовен учител, односоно, во еден поширок контекст, со духовно напреднат човек кој во нас може да ја поттикне и инспирира желбата за себеспознавање и личен развој.

Па така, на повеќе од 430 страници, оваа книга ги претствува темите опфатени во разговорите кои учителот Павлос К. Хасанагас ги водеше со учениците по јога во текот на многуте сатзанзи во периодот од 1995 до 2011 година. Голем дел од нив се однесуваат на секојдневниот живот, како и на дилеми во однос на личната духовна пректика. Од една страна опфатени се теми блиски до секој човек, теми кои говорат за односот кон себе, за егоизмот, за смртта и болеста, за искреноста, потоа односите со блиските, за неврзувањето, за добрината и неповредувањето. А од друга, теми кои директно навлегуваат длабоко во суштината на духовната практика – за умот и медитацијата, за пречките во практиката и личната духовна трансформација, за свеста и свесноста, за самскарите и слободната волја.

Поради тоа, оваа книга може да помогне подобро да ја разбереме јогата и јогиската практика, но особено нејзината релација со секојдневието и животните искуства низ кои поминува секој човек. Таа не е наменета само за практикантите на јогата, туку за сите кои бараат една подлабока смисла и поттик за напредување во сé она што им се случува на дневната животна маршрута.

You May Also Like