Вторник (23 август) на програмата Бит Фест

Вечерва, (вторник 23 август 2011 година) со почеток во 20:30 часот во Уметничката галерија ,,Магаза” ќе биде отворена Изложбата „Предел“ на Драган Најденовски.  Оваа изложба е подржана од министерството за култура и Општина Битола преку битолското културно лето – БИТ ФЕСТ кое е под покровителство на Градоначалникот Владимир Талески.

Пределот на Драган Најденовски открива извесна мистика на сокриени чувства, на фрагменти од еден волшебен сон, на несекојдневна глетка и визуелна перцепција.  Тој е истиот предел кој беше откинат од природата и забележан како најкоцентриран сегмент од линии,форми и колорит, но во најновите дела вообличен со нови ликовни визури во кои доминира вертикалата како основен елемент на новата ликовна естетика на авторот.

Основна насока во оформувањето на креациите претставува мирното и природно поврзување на внатрешниот и надворешниот авторов свет прикажан низ слоевито откривање на суптилните емоции изразени во еден миг од моментот на личното доживување.  Тој се обидува да направи поврзување на сите сегменти од природата со вешто поставување на одредени топли ликовни ефекти врз ладната позадина, но со колористични полиња кои ги разграничуваат духовните и просторни граници.  За разлика од делата во маслена техника, пастелите покажуваат нови форми на ликовно изразување, нови содржини симболи и знаци кои откриваат момент на промена на расположение, детална обработка на одбраниот мотив кој е поставен врз густата гама исполнета со симболична содржина од ликовни полиња и знаци.

Неговиот извор на креативни размислувања се движи кон создавање на ментални структурни изрази на одреден простор.  Различните временски интервали се интерактивни и го дополнуваат реалниот со мистично замислениот, креиран свет.

На оваа изложба авторот покажува движења кои го одвлекуваат кон нови ликовни насоки, движења кон кои ќе го следиме неговиот понатамошен развој, вели Лиљана Христова, ликовен критичар.

Драган Најденовски е член на ДЛУБ – Битола, самостоен ликовен уметник.  Учесник е на повеќе групни изложби, низ земјата и во странство, меѓународни манифестации на графика, како и многубројни меѓународни ликовни колонии.  Добитник е на повеќе награди и признанија.

Самостојни изложби имал во 1983 година во Сараево, 1984 Грачац (Хрватска), 1987 Дом на култура, уметнички салон, Битола, 1989 Уметничка галерија, 1994 – Битола – Битола, Галерија Ван Гог, 1997 – Битола, Ликовен салон на ДЛУБ, 1998 – Прилеп, Дом на култура ,,Марко Цепенков” – Скопје,,Галерија КО- РА”, 2000 Кавадарци, Младински културен и информатривен центар Младост-М,2001 – Пазарџик- Бугарија, 2003 Струмица, 2005 – Битола и Куманово, 2006, 2007 и 2009 (2) Битола, 2011 Битола – Уметничка галерија Магаза.

Во вторник Бит Фест со својата програма овозможува и избор помеѓу повеќе настани:втора вечер на АРТ ФЕСТ(изложба на резби, фотографии и слика на платно) – во организација на Младински Европски Форум, а во тек се и настаните кои се поддржани од БИТ ФЕСТ, а се дел од Младински Арт Фестивал „Битола отворен град 2011“ во организација на МКЦ Битола.

You May Also Like