Денеска (22 мај, среда), почеток 20:00, Кино Фросина, ќе биде промовирано најновото издание на Младински културен центар, “Нова реалност за просторот“, збирка поезија од Дијана Петкова.
Промотор и водител: Лилјана Велјанова;
Рецензент: проф. д-р.Весна Мојсова Чепишевска
Музичка поддршка: Љубомир Наќевски, проф. по гитара и Итан Шулајковски.
За стиховите, рецензентот, проф. д-р. Весна Мојсова Чепишевска, ќе рече:
„…Во ова суптилно поетско писмо стиховите за просторот добиваат свој простор низ четирите (4) циклуси од по единаесет (11) песни и со тоа на потполната четворка ѝ се дозволува да доминира преку четириесет и четирите (44) интимни просторчиња. Впрочем, четворката активно учествува во митовите за создавањето на космосот, светот и ориентацијата во нив, преку страните на светот (исток-запад-север-југ), четирите годишни времиња (пролет-лето-есен-зима), четирите основни правци (горе-долу-лево-десно)…“
Дијана Петкова, родена е на 08.03.1964 година, во Скопје. Дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, група македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи. Нејзината поезија е објавувана во списанијата “Современост“ и “Стожер“. Автор е на збирките поезија “Стефанија“ (1999 год.), “Деца од свила“ (2011 год.) и “Нова реалност за просторот“ (2013 год).
Живее и работи во Скопје.