Изложбата „Рефлексија: бело-црно или не?!“ во Неапол со одлични впечатоци

Изложбата „Рефлексија: бело-црно или не?!“, во реализација на Националната галерија на Македонија, чиј кураторот е Ана Франговска,  а која беше отворена во саботата (02.03.2013 година), во Неапол (Италија), во Музејот за современа уметност Касорија, предизвика исклучителен интерес и кај италијанската публика, а исто така и кај италијанските медиуми.


Изложбата ја промовираа и инаугурираа директорот на Музејот на современа уметност Касорија, г-динот Антонио Манфреди, директорката на Националната галерија на Македонија, г-ѓа Халиде Палоши, раководителот на културниот сектор во општината Касорија, г-ѓа Луиза Маро и сенаторот на градот Касорија, г-динот Томазо Камило. На инаугурирањето свиреше бендот “Crossroads Improring” кој изведува експериментална, атонална музика.

Беа присутни над 200 посетители на самото отворање, а веднаш утредента- недела со отворањето на Музејот, чекаа над 30 заинтересирани посетители кои не стигнале да присуствуваат на отворањето. Многу од презентираните дела предизвикаа интерес и внимание и за сите дела имаше позитивни коментари. Секако, бидејќи станува збор за групна мултиетничка изложба, со селекција на автори кои се со различна генерациска, медиумска, концепциска определба, секој посетител го пронајде својот најадекватен сензибилитет и ликовен израз кој најмногу му одговора на неговиот естетски потенцијал.

Особено важен беше маркетингшкиот ефект кој го постигнавме со презентирањето на нашиот национален претставник на овогодинешното 55-то Венециско биенале, делото на авторката Елпида Хаџи Василева. Станува збор за еден дел од нејзиниот последен проект, т.е. скратена варијанта на делото „Внатрешна убавина“, а не, како што беше погрешно публикувано во некои наши медиуми, делото што ќе патува за Венеција. Публиката беше заинтересирана за медиумот, за изработката, за визуелниот ефект.

Медиумите бруеја за нашата изложба, беше публикувана и најавена како настан кој не треба да се пропушти, имаше објави во многу локални и национални весници и неделници, на многу италијански веб портали, а беше присутна и националната телевизија RAI.

Со вака успешната реализација на изложбата, која ќе биде отворена цел месец, до 2.04.2013 година, Националната галерија на Македонија ја афирмира и негува нашата култура и уметност во светот и цениме дека имаме клучна улога во амбасадорската функција на уметноста како медиум за колаборација и безграничност.

You May Also Like