Промоцијата на албумот на Владимир Муаратовски Диво „Електро Култура“ е закажана за денеска (сабота, 10 мај) со почеток во 20:00 часот, во клубот Ла Кања во старата скопска чаршија.
Електро Култура е соло проект зад кој стои Владимир Муратовски Диво – панкер, социјален поет од скопскиот асфалт и неуморен хроничар на македонската андергрануд сцена речиси три децении. Во 1992 година со помош на неговиот пријател Зoран Трпков во домашни услови го снима албумот „Мировна порака“ кој во изминативе две децении останува една од најдобро чуваните тајни на македонската музичка сцена. Повеќе од две децении подоцна, на 24 ноември 2013-та година на брановите на Канал 103 конечно ќе се случи и неговиот прв соло концерт.
…
На албумот се наоѓа радио концертот на Електро Култура, снимен во емисијата „Ако никој не свири“ на Канал 103 на 24.11.2013. Физичките изданија (во ограничен тираж) го содржат и албумот „Мировна порака“, снимен во 1992 година.
Изданието ќе биде достапно на цеде, аудио касета, како и за дигитално преземање.
Дизајнот на изданието е на Владимир Лукаш. Тон мајстор на радио концертот е Ненад Тонкин, додека мастерингот го работеше Зоран Тевдовски.
———–
„Владимир Муратовски Диво е еден од најавтентичните ликови на скопската супкултурна сцена и своевидна икона на рокенрол културата на овој град. Удобно сместен во личниот универзум изграден од стиховите на Боб Дилан, крикот на Џони Ротен и во боите на мејкапот на Сузи Сју, овој панк џентлмен е тука да нè потсети дека само светот на музиката е оној вистинскиот.“
Давид Ангелевски (Пиколомини)
„Преку прошетка низ миљето на пост-панкот и преку утврдување на неговите средновековни влијанија, Владимир Муратовски Диво ги разлева своите воодушевувања од убавините на светот, нашиот и метафизичкиот, го слави напредокот на технологијата и преку своите текстови со сета сила се бори против злото.
Неговата искреност е изразена преку едноставна лирика, спој на архаично и современо. Меланхоличната атмосфера е надополнета со игриви електро поп мелодии што го прави целото издание приемчиво и пријатно за слушање.
Со оригиналниот автентичен израз и можноста различни генерации да се поврзат со неговата музика, Владимир Муратовски Диво си отвора простор на страниците на македонската музичка историја.“
3плусминус
„Савантгарден, скоро-сакрален, длабок – но тесен. Архаична, репетитивна шара со хипнотички квалитет. Скопското подподземје е ладно, осамено место
(а ѕидовите врескаат).“
Игор Коцев
Влатче го познавам 20 години, а барем половина од тоа време во последната Двојка накај Ѓорче ми раскажуваше за музиката што ја снима кај баба му на Зоки Агресор во Маџар Маало. Кога конечно го добив албумот јас веќе ги знаев и сакав песните и пред да ги слушнам.
Васко Атанасоски (Bernays Propaganda)
„There are records that walk into your life without knocking and say that they intend to stay. After a couple of weeks, you realise they had always been there. You realise you knew that record already. Not because you’d heard it elsewhere: it’s just that you knew that record before you were born. Those records, for everyone, are rare. Elektro Kultura’s record, for me, is one of those. I take it very seriously: I know it’ll keep giving. I am thankful for its making, and thankful for its reissue. A very deep благодарам for both.“
Flora Pitrolo (A Colder Consciousness)