Денеска (вторник, 16 октомври, 2012) во 11:00 часот во ЕУ-инфо центарот Македонската платформа против сиромаштија (МППС) ќе го промовира Годишниот извештај за сиромаштија и социјална исклученост во Република Македонија.
Процесот на подготовка на Годишниот извештај за сиромаштија и социјална исклученост (2011), беше поддржан од Институтот за човекови права „Лудвиг Болцман“-Истражувачка асоцијација Скопје (БИМ-ФВ) и Австриската развојна соработка.
Годишниот извештај за сиромаштија и социјална исклученост 2011 имаше за цел да направи процена и анализа на политиките, трендовите и предизвиците и состојбата на ранливите групи во доменот на сиромаштија и социјална исклученост, согледана во различни региони во Македонија. Во фокусот на извештајот се следниве општини: Штип (Источен регион), Струга (Југозападен регион), Струмица (Југоисточен регион), Прилеп (Пелагониски регион), Гостивар (Полошки регион), Куманово (Североисточен регион), Велес (Источен регион) и Кисела Вода (Скопски регион).
На настанот ќе присуствуваат официјални претставници на Македонската платформа против сиромаштија и Институтот за човекови права Лудвиг Болцман, Маја Геровска Митев Уредник на Извештајот, Авторите на Извештајот,претставници на институтциите опфатени со истражувањето како и Неговата Екселенција д-р Томас-Михаел Бајер – Амбасадор на Австрија.