Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вчера (сабота, 27 октомври, 2012) ги промовираа реконструираните фасади на објектот „Пелистер“ и на објектот над кафулето „Тренд“, на плоштадот „Македонија“.
На објектот „Пелистер“, реконструирана е вкупна површина од околу 1200 квадратни метри. Завршницата на фасадата е од дробен травертински камен, а на места од бакар и од ковано железо. Фасадата му даде комплетно нов лик на овој објект, а овозможи и исполнување на барањата за енергетска ефикасност.
Градот Скопје за реконструкција на фасадата на објектот „Пелистер“ од Буџетот издвои околу 30 милиони денари. Реконструкцијата ја изведе градежната компанија „Бауер БГ“.
Градот Скопје успешно ја заврши и реконструкцијата на фасадата на зградата на улица Никола Вапцаров број 2, објект над кафулето „Тренд“. Во текот на градежните работи се реконструираше челниот дел на објектот којшто гледа кон градскиот плоштад. Обновена е површина од 210 квадратни метри, со природен материјал, стакло и со соодветна изолација.
Градежните работи за реконструкција на фасадата ги изведе градежната компанија „БАУЕР БГ“. Реконструкцијата на оваа фасада чини околу 3,5 милиони денари.