Издавачката куќа „Три“ во средата (5 сепетември, 2012 година) го промовираше бестселерот „Собирач на светови“ од Илија Тројанов. Промоцијата во книжарницата во ГТЦ беше можност и за средба со авторот.
Наградуваниот европски бестселер „Собирач на светови“ е возбудлива приказна за извонредниот живот на Сер Ричард Бартон, една од најинтригантните и најконтроверзните личности од викторијанската ера.
Авторот за потребите на романот се упатил на тримесечно патување низ Танзанија по трагата на самиот сер Бартон, што на приказната и дава дополнителна автентичност.
——————————————————-
Илија Тројанов, роден 1965 година во Софија, израснал во Кенија, а денес живее во Виена. Студирал право и етнологија во Минхен и во 1992 година ја основа издавачката куќа „Марино”, специјализирана за африканска книжевност.
Во 1998 г. се преселува во Индија од каде што пишува репортажи и есеи. Потоа извесно време живее во Капштат, па се враќа во Германија и на крајот се вдомува во Виена.
Досега има објавено преку дваесет книги кои се преведени на многу светски јазици, а добитник е и на бројни книжевни признанија, меѓу кои и наградата за најдобар роман за „Собирач на светови”, доделена од Лајпцискиот саем на книга во 2006 година.