Наскоро започнува трката по награди на „Манаки“

Интернационалниот Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“ ги објави жири -комисиите во натпреварувачките селекции, со што се исполнети сите услови на 15 септември да почне трката по петте награди на годинашното 33 издание на Фестивалот, кое ќе се одвива под мотото „Продолжи да создаваш“.

За 11-те одбрани филма во официјалната конкуренција ќе одлучува меѓународно жири на чело со кинематограферот Фред Келемен од Германија/Унгарија, еден од омилените сниматели на култниот унгарски режисер Бела Тар. Останатите членови се искусната кинематограферка Вирџини Сен Мартен од Белгија, Миладин Чолаковиќ, еден од најекспонираните директори на фотографија од Србија, Дамјан Козоле, интернационално признатиот режисер од Словенија, како и бележитиот македонски ликовен уметник Илија Пенушлиски, еден од иницијаторите за основање на Кинотеката на Република Македонија.

Петчленото жири на главната програма ќе додели три награди, Златна, Сребрена, како и Бронзена камера 300.

Наградата од град Битола, пак, што се доделува во рамки на програмата „Нови визии“ ќе биде во рацете на реномирана трочлена жири-комисија. Претседател на истата е Паул Каценбергер, уредник-колумнист во списанието „Зидојче цајтунг“ од Германија, а членови се уредничката на списанието „Кинечко“, Ева Кришкова од Словачка, и актерот од ансамблот на Народниот театар во Битола, Васко Мавровски.

Филмовите од краткометражната конкуренција ќе се борат за „Мала златна камера 300“ за најдобар краток филм. Досега беа соопштени добитниците на две од трите специјални награди „Златна камера 300“, кои ги добиваат италијанскиот директор на фотографија Лучано Товоли и миленикот на режисерот Михаел Ханеке, Австриецот Христијан Бергер.

Минатата недела беше објавена програмата на 33. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Во 9 програмски селекции се вклучени 74 филма, од кои дури 28 се македонски, меѓу кои и филмот на отворањето „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и филмот со кој се затвора фестивалот, „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски.

You May Also Like