Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, денеска (среда, 22 мај) во Домот на културата во општина Илиден ја промовираа новата општинска библиотека во оваа установа.
Библиотеката се простира на површина од 79 квадратни метри и располага со значаен почетен фонд на книги од 10.000 примероци, бројка во која се вклучени и комплети од едициите „130 тома македонска книжевност“, „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“, како и книги од проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и во Англија, а од областа на правото во Франција и во Германија“.
– Одличен напредок е што библиотеката се отвора со 10.000 примероци од различни жанрови – белетристика, стручна литература, лектири. За младата популација е од огромно значење читањето книги и следењето на светското и на домашното литературно творештво – истакна Канческа-Милевска.
Таа појасни дека во интерес на граѓаните, Министерството за култура е отворено за соработка со Домот за гостувања на националните институции од културата, чии проекти ги финансира преку годишните програми.
– Исто така, сакам да напомнам дека од особено значење за унапредување на културното живеење во општината Илинден е и меѓународната литературна манифестација „Илинден“, која со својата 14-годишна традиција стана вистински симбол на препознатливост на оваа општина. Поддршката што Министерството за култура традиционално ја дава за реализацијата на оваа манифестација претставува поддршка на вистинските вредности во културата, но и индикатор на сериозните заложби во развојот и унапредувањето на културата на локално ниво – рече Канческа-Милевска.
Таа ги поздрави напорите на градоначалникот на општината Илинден, Жика Стојановски, и залагањата на сите вработени во локалната самоуправа кои себеси се вложија во континуираното надградување на културното живеење во оваа општина.