Прокопиев со меѓународната книжевна награда „Балканика“ за книгата „Човечулец“

Македонскиот автор Александар Прокопиев е добитник на балканската книжевна награда „Балканика“ за 2010 година со книгата  „Човечулец“ во издание на „Магор“.


Победникот на петнаесеттото издание на „Балканика“ беше прогласен денеска (недела, 04.03.2012 година) во Скопје, а најдобрата книга беше избрана од страна седумчлено меѓународно жири, преку три круга на гласање. По прогласувањето на лауреатот, Прокопиев изјави дека се чувствува среќен, бидејќи првото место на „Балканика“ е нешто што секој писател го посакува.

– Особено сум среќен затоа што годинава конкуренцијата беше многу силна, дојдоа извонредни автори кои се веќе познати не само на балканскиот, туку и на европскиот простор, и во такво друштво да бидеш избран е голема чест, рече Прокопиев.

Едноставно, ја најдов формата на бајките, истакна тој, затоа што чувствувам дека во овој свет на забрзан раст на технологијата, стануваме се помалку туѓи и човечни. Токму во бајката, додаде Прокопиев, која е кажувана со човечки желби од постарите на помладите, секогаш останала трагата на човештината.

– Тоа ме поттикна да почнам да ја користам таа форма, а да зборувам за некои секојдневни наши проблеми, како осаменоста, оттуѓеноста и немоќта да се искаже љубовта, нагласи авторот Прокопиев.

Тој го освои првото место во конкуренција од истакнати имиња од повеќе европски земји. На „Балканика“ учествуваа „Коли и други раскази“ од Здравка Евтимова од Бугарија, „Крстопатот на Константин“ од Дејан Стоиљковиќ од Србија, „Црвеното на биковите“ од Мира Мекси од Албанија, „Ќе се случи нешто, ќе видиш“ од Христос Економу од Грција, „Огнот на кармата“ од Ома Станеску од Романија и „Камена куќа“ од турската писателка Асли Ердоган.

Книгата на авторот што ќе ја добие „Балканика“ ќе биде преведена на јазиците на седумте земји-учеснички во изборот, а наградата за 2011 година ќе биде доделена во Белград кон крајот на годинава.

Венко Андоновски беше единствен македонски писател што ја има освоено наградата „Балканика“ во 2001 година за романот „Папокот на светот“.

You May Also Like