Проект „Хартијата – креативен медиум“ за учениците од основните училишта во Скопје

Започна проектот „Хартијата – креативен медиум“ на едукативното одделение при Националната галерија на Македонија. Овој проект кој е програмска содржина за 2012 година, поддржан од Министерството за култура на РМ претставува мулти-институционален проект каде покрај НУ Национална галерија на Македонија се вклучени НУ НУБ „Свети Климент Охридски“, Скопје и НУ Кинотека на Македонија, Скопје.

Во проектот се вклучени ученици од пет основни училишта од различни општини на градот Скопје и тоа:

– „Свети Климент Охридски“, општина Бутел
– „Јане Сандански“, општина Чаир
– „11 Октомври“, општина Центар
– „Ѓорѓија Пулевски“, општина Аеродром и
– „Димо Хаџи Димов“, општина Карпош.

Целта на проектот е преку интерактивна едукација учесниците да се здобијат со нови знаења и вештини. Темата е хартијата, односот кон истата со нагласен еколошки момент. Учениците во овој проект ке имаат можност да учествуваат во работилница за рачно изработена хартија која постои во рамките на НУБ „Свети Климент Охридски“, Скопје.

Концептот на проектот започна со посета на Кинотека на Македонија и на 24.02.2012 година првата група на ученици имаа можност да се запознаат со поставката на Кинотеката, да слушнат за историјата на настанокот и развојот на филмот.

Љубезен домакин беше Владимир Ангелов, виш филмолог и уредник на филмска програма кој ги прошета учесниците низ поставката и од архивата на Кинотеката на Македонија овозможи проекции на два филма кои за тема ја имаат хартијата. Тоа се филмот „Весници, весници“ во режија на Александар Ѓурчинов и „Филм од хартија“ каде режисер е Дарко Марковиќ.

Проектот ќе трае два месеци во континуитет.

You May Also Like