Во рамките на повеќегодишната соработка на Саемот на книгата во Лајпциг што ќе се одржи од 15 до 18 март 2012 година, ќе бидат промовирани тројца македонски писатели: Венко Андоновски, Александар Прокопиев и Јагода Михајловска-Георгиева.
Овие тројца писатели се дел од неколкумината кои остварија врвни прозни дела во последните години и кои освоија бројни награди. Тие ќе настапат на неколку книжевни разговори, читања и претставувања во рамките на програмата Литература од Југоисточна Европа, традиционално подржана од фондот Традуки.
Годинава бројот на писатели на целокупната програма на Саемот во Лајпциг е намален. Од евентуалната подршка од страна на државата зависи и дали на саемот ќе се претставиме и со национален штанд. Се водат преговори со Саемот на книгата во Лајпциг, Македонија да добие специјални услови под кои би можела да се претстави и преку свој штанд. Повеќето земји од Југоисточна Европа имаат свои национални штандови на Саемот. Постоењето на штанд ја зголемува видливоста на националната литература и овозможува поголема промоција и паралелна програма во рамките на штандот, велат од издавачката куќа Готен.