Проекција на филмови на тема „Маргинализација“ во кафе „Менада“

Во рамки на Дебатниот филмски клуб „Лале“ во кафулето „Менада“ во Старата скопска чаршија, на 25 декември, со почеток во 19:00 часот ќе бидат прикажани три краткометражни филмови на тема „Маргинализација“,  дело на ученици од четири скопски средни училишта, („Јосип Броз-Тито“, „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Михајло Пупин“ и од „Георги Димитров“).

Филмовите произлегоа од работилницата за монтажа насловена “Workshop за визуелна култура” што се одржа изминатиот месец во Младинскиот културен центар во Скопје. Заедничка нишка која се провлекува низ трите филмови е идејата за стимулирање на дијалог во општеството кој ќе придонесе за подобра комуникација и инклузија на маргинализираните луѓе.

Насловот на филмот кој го изработија учениците од „Михајло Пупин“ е „Турнир“. Делото покажува како инвентивните начини на комуникација меѓу децата ги надминуваат бариерите.

Филмот кој заеднички го сработија ученици од „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Георги Димитров“ е насловен „Те разбирам“. Тоа е приказна за момче кое се обидува да стигне до целта, но се соочува со пречки бидејќи комуницира на јазик кој никој не го разбира.  Делото на учениците од „Јосип Броз-Тито“, пак, е насловено „Размисли пред да осудиш“. Тоа обработува три приказни во кои различни луѓе се соочуваат со дискриминација од околината.

Жири комисија во состав Лабина Митевска, актер и продуцент, Влатко Галевски, филмски критичар и Николета Косовац, координатор на регионалниот проект „Лицеулице“ ќе додели награда за најдоброто дело кое произлезе од работилницата.

Оваа активност претставува и приклучување кон иницијативата која ја покрена Дебатниот филмски клуб, посветен на работата на починатиот уметник и педагог Ратка Илиевска-Лале. Таа имаше клучна улога за многу млади луѓе да почнат да се занимаваат со филм и со визуелни уметности, а преку својата школа „Ед Вуд“ едуцираше голем број сегашни филмаџии и уметници.

Работилницата од која произлегоа филмовите е дел од регионалната платформа на активност „Лицеулице“, чија цел е да ги промовира и да ги зајакне практиките на арт-активизам како одржливи и влијателни механизми за промени во општеството.

Организацијата на работилницата беше на Центарот за медиумски активности, (ЦМА) во соработка со Град Скопје и со Швајцарската програма за култура.

You May Also Like