Продлабочување на македонско-словенечката културна соработка

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на еднодневната посета на Словенија, вчера (вторник, 11 септември, 2012 година) во Љубљана оствари средба со словенечкиот министер за култура, образование, наука и спорт Жига Турк.

Двајцата министри го истакнаа  задоволството и од досегашната успешна соработка меѓу Република Македонија и Република Словенија во областа на културата и уметноста, како и од  реализацијата на  досегашните и идни проекти како: словенечко-македонскиот речник, приказ на современиот дизајн од Словенија во Република Македонија, а по претставувањето на кинематографијата на двете земји на заедничкиот штанд во Кан, отворена е можноста  и за заеднички настап на Биеналето на архитектурата во Венеција.

Во контекст на претседавањето на Република Словенија со Советот на министри од Југоисточна Европа, словенечкиот министер упати покана до министерката за култура за присуство на конференцијата на Советот на министри на ЈИЕ во април следната година која ќе биде во духот на 1150 години од започнувањето на ширењето на мисијата на светите словенски браќа Кирил и Методиј, како и на министерската конференција на Форумот на словенски култури, настани од исклучително значење за двете земји.

Канческа -Милевска на средбата изрази благодарност и за ангажманот околу организирањето на „Деновите на македонската култура“ во рамки на манифестацијата „Марибор, европска престолнина на културата 2012“. Воедно упати покана до министерот Турк да ја посети Македонија и да ги види сите инвестиции и сите инфраструктурни објекти од областа на културата  кои се од големо значење за Република Македонија и важен чекор во остварувањето на културата.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ја посети и Националната универзитетска библиотека, каде што оствари средба со директорката на библиотеката, Матеја Комел Сној на која разговараа за идната соработка меѓу инстутуциите од двете земји во областа на библиотечната дејност. На огромно задоволство на министерката Канческа –Милевска, и беа презентирани значајни историски ракописи кои се чуваат во трезорите на библиотеката, меѓу кои се и  ракописите од 12 и 13 век: Кодекс од 12 век и Македонски посен триод од 13 век, како и писма и кораспонденција со нашите писатели Коле Чашуле, Матеја Матевски и Гане Тодоровски.

Канческа–Милевска на средбата ги презентираше проектите од областа на книжевноста кои се реализираат во Република Македонија, а акцент беше ставен на дигитализација на културното наследство. Директорката на библиотеката Матеја Комел Сној изрази желба за поголемо присуство на експерти од Македонија на стручните конференции за архивирање и конзервација на книжевното наследство. На средбата стана збор и околу искуствата на Словенија, во поглед на работата на Центарот за книга кој во оваа земја функционира веќе 3 години и е задолжен за меѓународна промоција и субвенција на словенечкото книжевно творештво. Беа разменети и мислења и искуства во насока на плановите за формирање таков центар во Македонија, согласно новата Национална стратегија на Министерството за култура која се очекува до крајот на годината да биде усвоена од страна на Собранието на РМ.

 

Министерката за култура оствари средба и со Андреа Рихтер, претседател на Форумот на словенски култури. На средбата, освен за актуелните проекти кои  Министерството за култура ги има како членка на Форумот. Воедно, беа разменети мислења за одбележување на 10 годишниот јубилеј од постоењето на Форумот на словенски култури во 2014 година..

Елизабета Канческа-Милевска оствари средба и со директорката на манифестацијата Марибор-европска престолнина на културата, и ги посети локациите каде настапуваа македонските уметници, за кои имаше голем интерес од страна на јавноста.

Канческа-Милевска денеска ќе присуствува и на изведбата на претставата „Хамлет“ на Драмскиот театар, со што се заокружуваат Деновите на македонската култура во Марибор.

 

 

You May Also Like