Создавање визија за иднината на македонското општество кое влегува во фаза на посттранзициски развој со потпирање врз домашната памет и сите творечки сили, доведување на науката и уметностите во позиција на битен фактор на иднината и интегрирање на македонската наука и уметност во европскиот културен простор и простор на знаења и истражувања се трите постулати врз кои се базира програмската ориентација на МАНУ за 2014 година.
Ова го истакна претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски во експозето на 47. Годишно собрание на Академијата на кое присуствуваа министерот за образование и наука Спиро Ристовски, академици, универзитетски професори, соработници на Академијата, претставници на дипломатскиот кор и други гости.
– Ако во периодот на транзиција главен фактор на општествените промени претставуваше политиката и нејзината решителност да раскрсти со остатоците на минатото и да ги темели новите општествени вредности, начела и институции, постранзициското општество може да се етаблира и развива само ако се потпира врз факторот на знаења, истражувања и силна културна интервенција. Поаѓајќи од овие определби тој додаде, годинава програмирани се мошне обемни активности што ќе се реализираат од членовите на Академијата преку соодветните одделенија и истражувачки центри низ се поинтензивна соработка со други научни и уметнички институции од земјата, академии на науките и уметностите и други научни и уметнички институции од земјата и низ интензивирање на соработката со бизнис-заедницата. Во научната програма се вклучени 98 научноистражувачки и уметнички проекти од разни области од кои дел се започнати минатата година, а 20 се новопредложени проекти. Покрај нив, во рамките на соработката со Бугарската академија на науките се планира да започнат 34 проекти.
Времетраењето на истражувачките проекти во просек изнесува три години. Во 2014 година се планира организирање и на 13 научни собири, конгреси и конференции, како и на повеќе свечени собири, предавања, промоции на изданија на МАНУ, изложби, тркалезни маси, работилници. Во рамки на издавачката дејност, пак, планирано е објавување на 12 периодични и околу 20 посебни изданија, три изданија од фондацијата „Трифун Костовски“ и каталози за изложба. За остварување на оваа обемна програма академик Камбовски подвлече дека се создадени нужните материјални услови бидејќи МАНУ од државниот Буџет за 2014 година доби над 9 милиони денари средства повеќе во споредба со претходната година, што е зголемување за над 12 проценти, а планиран е и пораст на сопствени приходи, како и на донациите за нови проекти.
– По усвојувањето на оваа програма ќе се пристапи кон унапредување на институционалната соработка на Академијата со универзитетите и научните и уметничките институции во земјата со цел за избегнување на паралелизам, концентрација на научните и уметничките потенцијали и координација на работата на одделни проекти. Исто така, неопходно е воспоставување потесна соработка и поврзување со бизнис-секторот што е императив наложен со концепцијата на „наука за општеството“, рече Камбовски. Имајќи ја предвид улогата на МАНУ да биде алка што ги поврзува одделните науки и уметности и институциите што се занимаваат со нив, како и сите нив со општеството во единствен систем чија главна функција е да го одржува и подига духовниот свет на народот, вистинското средиште на Програмата на МАНУ, додаде, ќе бидат мултидисциплинарните истражувања, како и проектите низ кои се проширува пристапот на домашната наука и култура во единствениот европски простор на знаење, истражувања, научно-технолошки развој и мултикултурна панорама на ЕУ. Се осврна и на областите и подрачјата на кои ќе работи МАНУ, а кои се дефинирани од јавниот интерес, меѓу кои и евроатланската интеграција на земјата.