Соработка помеѓу Скопскиот маратон и Виз Ер

Во конференциската сала во Кабинетот на Град Скопје, свечено беше потпишан договорот за соработка помеѓу Авиокомпанијата Wizz Air и Сојузот на спортови на Скопје.

skopski_maraton_wizz_air

Договорот за генерално покровителство на овој голем спортски настан во наредните 3 години го потпишаа: главниот извршен директор на Wizz Air, Јозеф Варади (Jozsef Varadi) и претседателот на Сојузот на спортови на Скопје, Ѓорѓи Кузмановски, а на чинот на потпишување присуствуваа и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на трката Кире Синадиновски.

– Скопскиот маратон е една од најзначајните спортски манифестации што се одржуваат во главниот град на нашава држава. Во последните неколку години, со помош на добрата организација и промоција на овој настан, скоро двојно се зголеми бројот на натпреварувачи, гости и посетители на Скопскиот маратон. Главниот спонзор на Скопски маратон, од оваа година во наредните три ќе бидат Виз ер и се надевам дека со нивна помош уште повеќе ќе се зголеми популарноста на оваа наша Манифестација, секаде во светот каде што оваа компанија има летови, како и дека уште повеќе туристи ќе бидат присутни за време на одржувањето на маратонот во Скопје. Сакам да ја искористам оваа прва прес-конференција поврзана со Скопскиот маратон, да ги повикам сите граѓани на 11 мај оваа година да излезат на улиците на нашиот град и да ги бодрат учесниците во Скопскиот маратон, а сите други да ги повикам доколку имаат желба да учествуваат во една од трките, да земат активно учество во подготовките и реализација на оваа наша спортска Манифестација, истакна градоначалникот Трајановски.

Директорот на трката Синадиновски, потенцираше дека годинава 10-то издание на Скопскиот маратон, ќе се одржи на 11 мај 2014 година и се очекува годинава да има уште поголем број учесници од сите меридијани на светот.

-Би сакал да се заблагодарам на Град Скопје и на сите организатори на маратонската трка во Скопје, затоа што со нивниот ангажман го доведоа Скопскиот маратон на ова ниво на коешто е сега. Ми претставува особена чест што од годинава, па во наредните две, нашата компанија ќе биде генерален покровител на Скопскиот маратон и овие три години манифестацијата ќе го носи името WIZZ AIR Скопски маратон. Инаку, станува збор за една од најголемите авио-компании која нуди најниски цени на пазарот во Централна и Источна Европа. Wizz Air во Македонија, во моментов има само едно летало, но вашата земја за нас значи дом и база за летовите од целата централна и источна Европа. Нашата компанија поседува 45 авиони од типот А320 еиркрафт и на нашите патници кои ја надминуваат бројката од 13,5 милиони во 2013 година, им нуди 300 рути од 19 бази, коишто поврзуваат 96 дестинации низ 35 земји во светот, а во компанијата работат над 1 700 вработени, со еден збор нашата компанија нуди супериорен сервис и најниски цени на пазарот, потенцираше Варади.

Како што рече претседателот на Сојузот на спортови на Скопје, Кузмановски, како еден од организаторите на Скопскиот маратон што е под покровителство на Град Скопје, Мисијата на Европската Унија и Агенција за млади и спорт, оваа спортска Манифестација е една од многуте што го сместува нашиот град во светската мапа на спортски градови, како што се шаховската олимпијада, многу светски и европски шампионати и првенства во разни спортски дисциплини.
Десеттиот јубилеен Скопски маратон, ќе се одржува на 11 мај 2014 година (недела), натпреварувачите ќе се тркаат низ улиците на Скопје, маратонската патека во Скопје е една од најрамните во светот, а традиционално ќе бидат одржани 5 трки: маратон; полумаратон; 5 км хуманитарна трка; детски мини маратон и тeam вuilding трка. Првото издание на Скопскиот маратон, беше одржано на 23 –ти март 1997 година на којшто учествуваа 104 маратонци од 6 земји. Во 1998 година маратонот се одржа по втор пат и по пауза од 8 години, истиот се возобнови во 2007 година. Минатата година се одржаа 4 трки со 4900 учесници од 36 земји и околу 20 000 гледачи. Манифестацијата Скопски маратон е од врвен меѓународен карактер, членка на АИМС со сертифицирана патека, каде што може да се исполни норма за учество на Олимписки игри и Светски првенства. Оваа година се очекува бројот на учесници да надмине 6000 во сите 4 трки, а со тоа и можноста рекордот на патека, кој сега изнесува 2 часа, 21 минути и 56 секунди, да биде урнат.

You May Also Like