Советот на општина Куманово ја донесе оперативната програма за реализација на манифестациите од областа на културата што во првото полугодие ќе се реализираат на подрачјето на општината.
Вкупно 6 милиони и триста илјади денари се планирани за активностите и манифестациите кои ќе се реализираат до јуни годинава. За реализација на културните манифестации за првото полугодие ќе се одвојат над милион денари.
Фондација за култура и спорт „Куманово” – Куманово за делегирана надлежност ќе добие 600.000 денари. За поддршката за презентација на македонска и кумановска култура во Македонија и во странство ќе се одовјат 200.000 денари. Различни субјекти од културата ќе добијат 420.000 денари. За набавка на озвучување и осветлување ќе се одвојат 800.000 денари, а 150.000 денари се одвоени за снимање на документарен филм за народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош.
За нераспоредени средства кои можат да се исплатат за непредвидени манифестации кои можат да се организират и реализираат во овој период од буџетот ќе се одвојат 200.000 денари. Два и пол милиони денари се пренесени обврски од изминатата и 2012 година.
Во првото полугодие ќе се одржи манифестација за одбележување на 70 години од формирањето на Трета МУБ. Секторот за култура ќе го поддржи учеството на кумановските средношколци на Струмичкиот карневал. И оваа година предвидена е да се одржи манифестација за учителите од албанска етничка припадност, како и книжевната манифестација „Карадачки поетски средби“. Планирана е да се одржи и тетатрската престава „Вонредна седница”.
– Програмата е мултиетничка и разновидна ,наменета за сите граѓани од општината, вели раководителот на сеторот за култура, Жика Крстевски.
И годинава општината ќе организира манифестација за осми април, Светскиот ден на Ромите. Традиционалната манифестација „Велигденски концерт” ќе се одржи во април.
Во првотот полугодие ќе се организираат два меѓународни фестивали театарскиот „КУ-ФЕС“, како и натпревар во модерен танц. Најмладите и оваа година ќе учествуваат на манифестацијата Маскенбал „Батко Ѓорѓија – 2014“, додека средношколците ќе учествуваат на Матурскиот хепенинг.
Општината ќе го поддржи и Фестивал на ромскиот фолклор „Јекипе – Единство 2014” во организација на КУД, „Рушит Шакир”, како и детските фестивали на македонски јазик „Детелинка” и фестивалот на албански јазик „Пеперутка”. Учениците од основните училишта ќе имаат можност да учествуваат и на ликовниот детски камп кој ќе се одржи во Пелинце.