Прогласени најдобрите на „Отпад за уметност“

„Желка” од делови од пластични шишиња и капачиња од авторот Филип Новески, како  и„ горила” и „ жирафа” од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје се добитници на главните награди на Конкурсот „Отпад за уметност“ во организација на ПакоМак.

Минатата недела беа објавени победниците на наградниот конкурс „Отпад за уметност“, во организација на компанијата Пакомак. Конкурсот оваа година беше отворен за две категории: поединци и училишта, а учествуваа над 210 интересни и уникатни уметнички дела. Поради големата конкуренција и големиот број на пристигнати дела, жири комисијата наместо планираните 6 награди, додели дури 9.

На изложбата можеа да се видат најразлични животни, макети, дела со интересни новогодишни мотиви како Дедо Мраз и новогодишна елка, како и други креативни предмети изработени од амбалажен отпад.

„Особено ни е драго тоа што оваа година имавме голем одзив на наградниот конкурс. Пристигнатите уметнички дела покажаа дека се разбудила креативноста кај луѓето и дека најважната работа во креирањето е идејата и желбата, а не материјалот” – изјави Филип Ивановски, извршниот директор на Пакомак.

Уметничката креација од отпад на која жирито и ја додели првата награда од 50.000 денари во категоријата поединци, беше „желка” направена од делови од чаши, пластични шишиња и капачиња. Желката е изработена од авторот Филип Новески.

Првонаградените во категоријата училишта, кои исто така се закитија со вредна парична награда од 50 000 денари, се учениците од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Тие креираа интересна „горила” од ленти од аудио-касети, како и „жирафа” од стара хартија и хартиени чаши.

 

You May Also Like