Пасворд Продакшн и Октопуси Ентертеинмент ја најавуваат „Release Yourself“ вечер со настапот на амбасадорот на денс музиката и „Греми“ наградуваниот продуцент и диџеј РОЏЕР САНЧЕЗ! Еден од најуспешните артисти на електронската музичка сцена, на 16 мај 2014 ќе ја претстави својата нова музика, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Последниот настап на извонредниот Роџер Санчез во Македонија беше на ланското издание на Грин Бич Фестивал, на кој тој успеа да привлече 12.000 вљубеници во неговиот звук и остана запаметен како една од најдобрите забави кои до сега се одржале во Охрид. Годинава, најдобрата електро-денс забава и неверојатната енергија која овој артист на само нему својствен начин ја споделува со публиката доаѓа во вистинскиот момент пред скопската публика и ветува дека „Release Yourself“ забавата ќе биде најголемото загревање пред стартот на летната фестивалска сезона.
Роџер Санчез е едно од водечките светски имиња во хаус музиката. Познат како “DJ’s DJ” и “Producer’s producer,” Санчез го ужива статусот на господар на жанрот. Роден во Доминиканско семејство во Квинс, Њујорк, тој го поминува своето детство впивајќи ги музичките влијанија кои се дел од крвотокот на неговиот роден град. Симбиозата на различните музилки стилови од салса, блуз и соул до диско, рок и хип хоп, го создадоа спектарот на музичкиот израз на Санчез, кој му овозможува константна потреба за редефинирање на границите на хаус музиката. Како вистински граѓанин на светот, Роџер го предводеше патот како амбасадор на електронското денс движење, ослободувајќи ги неговите емотивно полни и енергични сетови за френетичен танц низ подиумите ширум светот.
Санчез оствари бројни хитови на европските и светските топ листи, подеднакво со својата сопствена музика и со ремиксите кои ги направи за низа музички ѕвезди вклучувајќи ги Алиша Кис, Кајли Миног, „Дафт Панк“, Мадона, Мајкл Џексон, „Џамиракуај“, „Гарбиџ“, „Д Полис“, „Но Даут“ и „Марун 5“. Неговиот сингл „Release Yo Self” објавен во 1996 година прерасна во светски феномен – а под тоа име Санчез објави и неколку компилациски албуми (Release Yourself vol. 1-7), кои се познати како експлозивна комбинација на дип хаус, латино, трајбл и тек звуци. Познат е и по своето неделно радио шоу со 15 милиони слушатели во светот, „Release Yourself“. Двонеделниот подкаст, спин-оф од радио шоуто, е исто така дистрибуиран на меѓународно ниво, а во 2007 година ја освои и првата „Best podcast“ награда на престижните „Интернешнл Денс Мјузик Авордс“ (International Dance Music Awards – IDMA). „Release Yourself“ радио шоуто имено се емитува во повеќе од 25 земји ширум светот, а на таа листа се наоѓа и македонското Антена 5 Радио каде што шоуто на Роџер Санчез се емитува во среда. Како основач на „Стелт Рекордс“ (Stealth Records), Роџер оствари влијателни успеси и го остави најзначајниот белег во музичката хаус сцена, поддржувајќи ги најсвежите нови таленти и објавувајќи некои од најдобрите траки на највлијателните имиња од денс сцената. Неговите забави се светски познати како целовечерни доживувања, експлозивни петчасовни сетови експертски креирани да им приредат извонредно и воздигнувачко искуство на сите вљубеници во електронскиот звук, кое ви овозможува вистинско ослободување. Токму такво незаборавно искуство Роџер Санчез ветува и за „Release Yourself“ забавата која ќе ја приреди во Скопје.