Вечер (сабота, 4 авуст, 2012) во 21:00 часот на Античкиот театар во Охрид гостува светската атракција „Пепетуум Џезиле (Perpetuum Jazzile)“од Словенија. Нивниот настап се совпаѓа со одбележувањето на 52-от роденден на Охридско лето.
4-ти август е денот кога се обележува раѓањето на манифестацијата која ја врежа Македонија на светската уметничка сцена.Роденденската прослава за 52 години успешна приказна на најреномираната манифестација и одбележувањето на 60 години од Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) ќе биде надополнета и со свечен коктел во хотел Белви-Метропол, веднаш по завршувањето на концертот.
„Перпетум Џезиле“ се 50 вокалисти кои „а капела“ исполнуваат разновиден и богат репертоар на џез и популарна музика, користејќи широк спектар на џез-стилови и комплексни хармонии во тесен слог. Составот е инспириран од вокалистот и аранжер Џин Пуерлин, како и од вокалните групи „The Singers Unlimited“ и „The Swingle Singers“.
„Перпетум џезиле“ изведуваат џез, блуз, боса нова, свинг, фанк, госпел и поп музика, без музичка подлога. Ансамблот е добитник на награди на натпреварите по вокална џез музика „Vocal“, „Total“ и „IVGF“ во Холандија, како и на Хорската олимпијада во Грац, Австрија. Во 2006 година хорот го издаде албумот „Чудна ноќ“ под етикетата на „Dallas Records“ и стана добитник на престижната награда „Виктор“ за 2011 година, што е еквивалент на наградата „Grammy“. Нивната изведба на композицијата „Африка“ на Тото од поставувањето на „Ју-тјуб“ е изгледана околу 13,5 милиони пати, што е потврда за нивната атрактивност во изведбите. Минатата година ансамблот ја реализираше својата прва светска турнеја со концерти во Хрватска, Чешка, Германија, Канада и САД.