Министерството за култура информира дека за директор на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“ е избран Мите Стефоски, дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност.
Врз основа на предлогот од Комисијата, Министерството одлучи дека Стефоски, кој е член на македонското и меѓународното друштво на компаратисти и зад себе има учество на повеќе специјализирани семинари, конференции и работилници од областа на литературата и книжевноста, ги исполнува општите и посебните услови утврдени со Конкурсот, а во согласност со доставената Програма за работа и развој на установата, поседува стручни и професионални квалитети за извршување на оваа значајна функција.
Стефоски во својата програма, јасно и прецизно го позиционира местото на „Струшките вечери на поезијата“ во севкупната македонска, но и светска култура. Детектирани се слабостите и апострофирани се целите согласно кои установата би можела оптимално да работи на реализација на годишните активности, но и на унапредување на фестивалот.Тој предлага посебно тело за развој на стратегија и за развој на уметничките содржини, кое воглавно ќе придонесе за унапредување на работата на установата и на уметноста. Потенцира дека работата на установата мора да биде во текот на целата година со вон програмски содржини во контекст на фестивалот.
Неговата рограма е опсежна и нуди нови содржини за унапредување на фестивалот со надополнување на содржини и активности од други дејности од типот на музичко-сценски перформанси, се со цел унапредување на фестивалот и негово промовирање.
На конкурсот за избор на директор на „Струшките вечери на поезијата“ беа пријавени 11 кандидати.