Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера (недела, 2 декември) ги прими претставниците на Регионалниот тим на јавни заговарачи на иницијативата за утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки кршења на човековите права на територијата на некогашна СФРЈ во периодот од 1991 до 2001, односно Коалиција за РЕКОМ.
Членовите на делегацијата, проф. д-р Билјана Ванковска, Наташа Кандиќ од Република Србија и проф. д-р Здравко Гребо од Босна и Херцеговина, се заблагодарија за посветеноста на претседателот Иванов на оваа иницијатива и го информираа за тековните активности на регионален план.
Македонскиот претседател ги поддржа напорите на Коалицијата и ја истакна потребата да се направи се со цел да се утврдат фактите за секоја жртва.
„Секоја иницијатива која има за цел утврдување на судбината на исчезнатите, а со тоа и одавање почит на жртвите е важна и за жртвите и за нивните семејства и за целото општество,” истакна претседателот Иванов.
Претседателот Иванов ги поздрави активностите на Инцијативата за РЕКОМ во Република Македонија и во регионот, и ја нагласи неопходноста оваа иницијатива да се усогласи со правните системи, уставните и законските можности во одделните држави.