Македонска поетеса Весна Ацевска деновиве пред читателите се претстави со нова поетска книга под наслов „Будност. Лотос“. Стихозбирката се појави во издание на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје, во рамките на едицијата „Синтези“.
„Будност. Лотос“ е седма поетска книга на Весна Ацевска која, во фазата на својата творечка зрелост, понудува слика на сложените процеси на движење и постојано менување на состојбите и соодносите што се причина за разновидноста во појавниот свет. Книгата е составена од пет циклуси кои следат внатрешна структурна линија и се групираат во тематски јадра што се во основата на еден заокружен и естетски сугестивно остварен поетски свет.
Весна Ацевска за своето творештво е добитник на низа признанија, меѓу кои и на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и наградата „Григор Прличев“ за препев. Нејзината поезија во посебни изданија е објавена на англиски, полски, српски, бугарски, турски и романски јазик. Песни од Весна Ацевска се застапени во антологии на македонската поезија објавени на 12 јазици.