Прес по повод Светскиот ден на театарот и првите македонски режисери на ФДУ

Факултетот за драмски уметности во Скопје, утре (четврток, 15.03.2012 година) со почеток во 13:00 часот ќе одржи прес по повод одбележување на 27 март, Светскиот ден на театарот и одбележување на 60-годишнината од дипломирањето на првите македонски режисери: Тодорка Кондова-Зафировска и Димитрие Османли.

Големите театарски дејци и некогашни професори на ФДУ, Тодорка Кондова-Зафировска (1926-2003) и Димитрие Османли (1928-2006), театарската и филмската режија студирале во исто време (1948-1952), во Белград, на тогашната Позоришна академија (Кондова) односно Висока филмска школа (Османли). Во текот на нивното студирање, овие две образовни институции се обединиле во Академија за позоришна уметност.

Факултетот за драмски уметности во склоп на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, е уметнички факултет и научно-наставна институција од подрачјето на драмските уметности, во кој се изведуваат универзитетски студии од областа на театарот, филмот и телевизијата низ уметничко и научно творештво, продукција и јавно прикажување на уметничките остварувања, како и издавање на книги и публикации. Универзитетските студии по Драмско актерство, Драматургија, Театарска режија, Продукција, Филмска и ТВ режија, Филмско и ТВ снимање и Филмска и ТВ монтажа, траат осум семестри или четири години.

На факултетот се изведуваат и постдипломски студии по Актерска игра, Драматургија, Продукција, Театарска режија, Театрологија, Филмско и електронско снимање, Филмска и тв режија, Филмско и тв сценарио и Монтажата како аудиовизуелно естетско поимање.

You May Also Like