Објавен романот „Фабрика на смртта“ на Анджеј Барт

„Македонска реч“ неодамна го објави романот „Фабрика на смртта“ на современиот полски писател Анджеј Барт, во превод од полски јазик на Михаил Баракоски.

„Фабрика на смртта“ е најпознатата и најпреведуваната книга на Анджеј Барт (1951), кој освен како писател, познат е и како сценарист и режисер. Романот беше финалист за најреномираните полски награди за литература во 2009 година – „Нике“, „Гдиња“, Литературната награда на Средна Европа „Ангелус“ и наградата на јавните медиуми „Когито“. Некои негови книги, како Rien ne va plus, Воз за патување и Дон Жуан уште еднаш, се преведени на фран­цуски, германски, чешки, унгарски, руски, словенечки и хебрејски.

И покрај мислењето дека за холокаустот е многу напишано и веќе не може да се напише нешто ново, романот „Фабрика на смртта“ од Анджеј Барт се појави со иновативен начин на пишување за холокаустот. Авторот го води читателот во суптилно интертекстуално патување како сведок на страшните исповеди на луѓето кои се одговорни за трагедијата на Евреите.

Анджеј Барт извонредно ја претставува една од најконтроверзните фигури на холокаустот, Хаим Мордехај Румковски, ставајќи пред своите читатели сложена дилема – дали стратегијата на помало зло може да се оправда кога станува збор за човечкиот живот? Неговото раскажување создава вознемирувачка и заглушувачка атмосфера која потсетува на „Процес“ и „Замок“ од Кафка. Впрочем, не само што пишува во неговиот стил, туку и сестрите на Франц Кафка се појавуваат во оваа книга како жртви на холокаустот, депортирани во лоѓанското гето, управувано од Хаим Румковски. Освен историјата на лоѓанското гето, во овој роман Барт ја дава и современата слика на градот кој живее во сенката на минатото – дава необична пара­лела на обичниот секојдневен живот и страшното минато.

Авторот во својот роман црпи од двата силно вкоренети топоси во полската култура: судот и театарот. Визијата на првиот е гротеска, потсетува на старо казино, каде никој не го почитува редот. Во процесот се појавуваат одамна починати личности. Театарот се појаву­ва дури на крајот на романот и од аспект на функцијата не одигрува некоја значајна улога. Неговата појава, сепак, сугерира дека сите ние сме условени од тоа каква улога ни била доделена од историјата.

You May Also Like