Премиера на „Живот во тесни чевли“ во Драмски

Претставата „Живот во тесни чевли“ од Душан Ковачевиќ, а во режија на Ненад Витанов вечер премиерно ќе биде изведена во Драмскиот театар-Скопје. Играат Драган Спасов-Дац, Марија Кондовска, Ѓокица Лукаревски, Ванчо Петрушевски, Душица Стојановска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков…

dramski-teatar-skopje

Вечерва на сцената на Драмскиот театар во Скопје премиерно ќе се прикаже претставата „Живот во тесни чевли“ од Душан Ковачевиќ.

– Оваа претстава говори за еден сегмент од нашето живеење, за група стечајни работници кои во транзицијата ги изгубиле работните места, но не се откажуваат и се обидуваат по секоја цена да се изборат за сопствените права. Има една современа и социјална димензија, информира в.д. директорот на Драмскиот театар, Роберт Вељановски.

Ова е еден од поновите текстови на Душан Ковачевиќ, досега двапати поставуван, во Белград и во Истанбул. Во Македонија текстот е првпат поставен.

Режисерот Витанов истакна дека се работи за сите луѓе кои ќе останат на улица и за несигурноста, што значи таа денес и во секое време.

– На крајот се обидуваме да дадеме една морална димензија на целата тема, можеби некаде има правда. Не гледаме скептично на животот, рече Витанов.

Во претставата има седум дебитанти во Драмскиот театар, режисерот Витанов, костимографот Катерина Чукниева, Сашко Костов со музика и студентите од трета година актерска игра на Факултетот за драмски уметности и студентите од Факултетот за театарски уметности при Универзитетот ЕСРА, Миа Кантарџиева, Благица Димитровска, Христијан Поп Симонов и Ненад Ангелковиќ.

You May Also Like