Антологија на новата македонска книжевност под наслов „Македонија: книжевност што сонува“ во превод на италијански јазик, деновиве беше промовирана во Италија.
Приредувач на книгата е Анастасија Ѓурчинова, а текстовите од македонски на италијански јазик ги преведоа Марија Грација-Цветковска, Лилјана Узуновиќ, Радица Никодиновска, Лучана Гвидо-Шремпф, Маријанџела Бјанкофиоре-Ахмети, Ирина Талевска и Катерина Миленова-Захариев.
Антологијата е заеднички проект на Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје и издавачката куќа „Беса-Салентобукс“ од Лече и е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија и од Регионот Пулја од Италија.
Меѓу застапените прозни автори се: Славко Јаневски, Влада Урошевиќ, Слободан Мицковиќ, Луан Старова, Венко Андоновски, Александар Прокопиев, Гоце Смилевски…. а од поетите се застапени: Блаже Конески, Матеја Матевски, Анте Поповски, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Ристо Лазаров, Лилјана Дирјан, Лидија Димковска, Никола Маџиров…