Договорот за културна соработка меѓу Македонија и Косово

Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (петок, 8 февруари 2013) престојуваше во еднодневна работна посета на Република Косово, при што оствари средба со министерот за култура, млади и спорт на Република Косово, Мемли Красниќи.

Во рамките на средбата, двајцата министри за култура ги реафирмираа заложбите за продлабочување на културните врски меѓу двете земји, а разговараа и за активностите што ќе се реализираат во перидот што претстои. На средбата беше потпишан и Договорот за културна соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово, правен документ кој претставува институционална рамка за унапредување и интензивирање на односите во областа на културата.

Канческа-Милевска по средбата го изрази своето уверување дека Договорот ќе им овозможи на институциите и на уметниците од двете земји уште понепречена комуникација и ќе ја стимулира нивната соработка која ќе резултира со низа заеднички претставувања и проекти. Двајцата министри за култура се согласија дека досегашната соработка во областа на културата меѓу двете земји е плодотворна и резултираше со реализацијата на повеќе проекти од областа на драмската, музичката, ликовната, филмската и издавачката дејност.

Беше нагласено дека на реномираните меѓународни театарски фестивали во Македонија редовно учествуваат театри од Косово, а осoбено присутни македонски театри во Косово се оние што изведуваат претстави на албански јазик. Како резултат на развиената регионална соработка, реализирани се и повеќе ликовни изложби, како и проекти од областа на издавачката дејност, а во рамките на годишните програми на Министерството за култура на Македонија се поддржуваат литературни манифестации на кои учествуваат и писатели од Косово.

Интензивна е и соработката во областа на музичката дејност, многу македонски музички уметници концертираат со Косовската филхармонија. Во оваа насока му предложив на министерот Красниќи регионален проект кој ќе овозможи активности на еден мешан состав на музичари и диригенти од Македонија и од Косово. Во рамките на овој проект предложивме и интензивирање на соработката меѓу националните фолклорни ансамбли на Македонија и на Косово, „Танец“ и „Шота“, како и издавање на дела на млади косовски поети на македонски јазик и обратно – истакна Канческа-Милевска во изјавата пред медиумите во Косово.

Таа прецизираше дека на својот косовски колега му предложила да се овозможат истражувања во црквите кои датираат од 19 век, а се на територијата на Косово, на кои работеле мијачките зографи и резбари.

Во текот на еднодневната посета на Косово, министерката за култура Канческа-Милевска оствари средба и со Едита Тахири, вицепремиерка задолжена за надворешна политика и за национална безбедност на Република Косово.

You May Also Like