Македонскиот дигитален уметник и теоретичар Зоран Попоски на 14 јули, во 15 часот во уметничкиот центар „Окс Верхаус“ во Макао, Кина, ќе одржи перформативно предавање на тема „Граѓанската уметност и јавниот дискурс“.
Перформативното предавање на Попоски е фокусирано врз теоретските основи на концептот за граѓанска уметност низ призмата на неговата повеќегодишна уметничка пракса во јавната сфера, која опфаќа проекти презентирани на ЛЕД екрани, видео билборди, постери и билборди во Њујорк, Даблин, Скопје, итн. Тој ќе зборува за предизвиците кои произлегуваат од ангажираното уметничко делување во јавниот урбан простор и тактиките за интеракција со различните јавности.
————————————————————–
Зоран Попоски е трансдициплинарен уметник и теоретичар (р. 1974, Скопје), со повеќе од 50 самостојни и групни изложби во САД, Германија, Франција, Канада, Британија, Холандија, Турција, Македонија, Куба, Порторико, итн. Магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.