Денеска (сабота, 8 март) во МКЦ е вториот ден од настанот „Прво па женско“, во организација на Tiiiit! Inc. од Скопје.
Ден #2: 08.03. (сабота)
ДЕТСКО КАТЧЕ со НИКУЛЕЦ КРЕАТИВА и ЧЕКОР ПО ЧЕКОР
12.00 кино Фросина, фоаје на кат
Сигурно и удобно катче во кое децата заедно со родителите можат да се вклучат во интересни креативни активности – боење родово сензитивни боенки, читање феминистички сликовници за деца, креирање поинакви осмомартовски честитки. Гратис совети за родители како да воспитаат родово сензитивно дете. Центарот за едукација и креативност за деца Никулец Креатива работи на развивање на креативноста кај децата од школска возраст преку практични вежби, стратешко размислување и интеракција низ кои создаваат заеднички интереси и чувство на припадност преку тимска, креативна работа и учење. ЧЕКОР ПО ЧЕКОР е најшарената и најразиграната фондација која веќе 20 години будно се грижи за доброто на сите деца. Во нејзините детски креативни центри и катчиња за учење низ игра, ние ги поминавме годините од основното образование, а сега на нивните активности се радуваат и допрва ќе се радуваат некои нови клинци и клинцези.
—————————————————————————————–
РАБОТИЛНИЦА ЗА ИЗРАБОТКА НА ФАНЗИНИ: MAKING ZINES IS EASY AS FUCK
13.00 галерија на МКЦ
Фанзин е Do It Yourself списание составено од текстови и слики посветени на сé она што го сака младата и урбана публика (фановите, па оттаму фан-зин). Фанзинот претставува облик на изразување најблизок до панк субкултурата, но поеднакво присутен во сите субкултури. Работилницата што ќе ја води Wasted Rita е структурирана како серија од прашања и одговори за историјата на културата на создавање фанзини и за нивната важност како алатка за промоција и застапување на женските права. Примери, практични упатства и креирање Направи-Сам-фанзин.
——————————————————————————————
ЖЕНСКА СОБА – презентација
кино Фросина, фоаје на кат
13.00 HAVEIT
Ако воопшто успеете да си ги средите впечатоците од нивниот перформанс, па и ако не успеете, повелете во Женската соба да ги запознаете и да поразговарате со девојите од Haveit кои тука ќе ги претстават своите перформанси Ekzaminimi, Without water, fountains everywhere, Je suis glamour и Classical Mechanics.
——————————————————————————————-
АНТИПРЕДАВАЊЕ: СОБАТА НА ВУЛФ – НАШ ПРОЕКТ: ОСУМДЕСЕТ И ШЕСТ ГОДИНИ ПОДОЦНА
МAЈА БОЈАЏИЕВСКА, СЛАВИЦА СРБИНОВСКА И РАЈНА КОШКА ХОТ
14.00 кино Фросина, фоаје на кат
Свесно одбегнувајќи го форматот на предавање во кое би се подразбирал хегемониот патријархален модус на мислење, според кој, стандардната обврска на предавачот (активен) би била, на слушателите (пасивни) да им го предаде „зрното чиста вистина“ за определен предмет, целта на нашите омилени професорки е овој дијалог, (триолог или полилог) да биде разговор меѓу еднаквите низ кој ќе се допрат противречностите на новата женска социјална персона, појавите кои го тангираат женскиот дискурс, женското тело и женскиот статус во сферата на книжевноста, фотографијата, филмската уметност и популарната култура, женската креативност: од образование до политика, женскиот активизам и неговата идеологија и насилството и не-нормираните родови идентитети.
——————————————————————————————
ЖЕНСКА СОБА – презентација
кино Фросина, фоаје на кат
16.00 BeFem
BeFem е фестивал на феминистичката култура и активизам од Белград, кој ја промовира идејата и политиката на феминизмот, ги анимира младите девојки и жени да се вклучат во работата на сцената и да дадат свој придонес во ре/конструкцијата на реалноста. Сања Селишкар и Јована Нетковиќ ќе ни раскажат повеќе, а заедно ќе го погледнеме и краткиот документарен филм на Неда Костиќ за фестивалот кој настана во 2009 година како потврда на континуитетот на феминистичко делување на овие простори и оттогаш отвора нови полиња за акција низ дијалог и иницијативи на феминистки со различна историја зад себе.
——————————————————————————————
ПОЕТСКО ЧИТАЊЕ СО ЛЕЗФЕМ: САФО ОД НАШАТА УЛИЦА
18.00 фоаје на кино Фросина
„Време е веќе да те ослободам од ова сопствено постоење“
Поетесата е гласна, го трга „превезот кој замрачува“, ги вади женските песни од фиоките и заборавените библиотеки и гласно го кажува женскиот збор пред светот. Специјални гостинки: Шпајз грлс.
——————————————————————————————–
ТЕАТАРСКИ ПЕРФОРМАНС: ЛУЗНИ
19.00 фоаје на кино Фросина
Ве молиме не очекувајте одговори на вашите прашања, туку прашања за кои сакаме да ни понудите одговор. Почнавме од нас самите, завршивме со некоја друга жена, која ја приближивме до онаа во нас. Не сакаме да бидете комфорни, не сме ни ние, никој не е. Сакаме да подзаболува. Така ни е денес, така и ќе остане ако продолжиме да се смешкаме и да ни биде фино на секој удар од камшик. Секако, остануваат лузни. Која е вашата?
Режија: Драгана Стојчевска
Играат: Ирена Илиевска, Талија Настова, Ангела Стојановска, Емилија Мицевска, Нина Максимова и Ивана Павлаковиќ
———————————————————————————————
ФИЛМСКА ПРОГРАМА
20.00 кино Фросина
во соработка со Студиорум, Pravo Ljudski Film Festival и Women Make Movies
Концепт: Кумјана Новакова
СЕДУМ ЖЕНИ. СЕДУМ ГРЕВОВИ.
Продуценти: Макси Коен, Маја Константин и Бриџит Крамер; 1987; 101 минути
Од што се состои смртниот грев денес? Седум од најпознатите светски режисерки – Хелке Сендер, Бет Гордон, Макси Коен, Шантал Акерман, Воли Експорт, Лоринс Гаврон и Улрике Отингер ја создаваат својата визија за целулоиден грев во овој филмски омнибус. СЕДУМ ЖЕНИ – СЕДУМ ГРЕВОВИ претставува совршен вовед за оние на кои не им е блиска женската кинематографија, како и интересна студија за стиловите на седумте иновативни режисерки.
Награди, фестивали и проекции: Montreal Festival du Nouveau Cinema, Best Short Film for “Anger”; Tokyo Video Festival, Award of Special Distinction for “Anger”; Rotterdam Film Festival; Toronto Int’l Film Festival; Museo Reina Sofia; American Film Institute Festival, Los Angeles.
———————————————————————————————-
КОНЦЕРТ: Punchke (CRO), Chreasus Jist (SRB), June (MKD), Karmakoma (SLO) и Kontradikshn (SLO)
22.00 МКЦ
Punchke се all girl трио од Винковци, Хрватска. Луција (гитара/вокал), Руби (тапани) и Ања (бас гитара) кон крајот на 2013 го издадоа својот деби албум „Sunčano s povremenom naoblakom” кој се најде на врвот на топ листите на сите релевантни регионални музички портали. Досега имаат повеќе од 200 настапи, a меѓу кои и настапи на фестивали како Теранео, Ин мјузик фестивал… ПРВО ПА ЖЕНСКО е прилика прв пат да засвират и во Скопје.
┼chresus jist┼сегаражнобескрупулознопанк-поптриоодулицитенаБелград. Мрсни fuzz рифови, планинаод noise & reverb, сетотоавоексплозивен и краток сет на моќните Ивана, Филип и Љуба. Скопје едвај чека да ги чуе. June остава автентичен траг на македонската музичка сцена, давајќи и здив на свежина со својот микс од indie pop, americana со примеси на акустичен country pop. Настапот е најва за нивниот следен албум кој се крчка. Karmakoma и Kontradikshn се рок/електроника бендови од Словенија, формирани од другари од средношколските клупи. По патот на својата балканска турнеја, ќе го паркираат комбето пред МКЦ за да се запознаат со скопската публика.
ЦЕЛО ВРЕМЕ НА ПРВО ПА ЖЕНСКО
ЖЕНСКА СОБА
фоаје на кино Фросина на кат
Простор за промоција, среќавање и откривање нови можности за соработка на организациите активни на полето на женските права и човековите права воопшто – активисти, уметници, културни работници, независни издавачи… Оваа година, вратите на нашата сопствена соба ги отвораме и за неколку интересни гостинки од регионот за да споделиме со нив добри практики, приказни, искуства и идеи….
—————————————————————————————
ЖЕНСКА АРХИВА 2.0
БОРИ СЕ ЖЕНСКИ
фоаје на кино Фросина на кат
Бори се женски е независна и неформална grass root иницијатива посветена на промовирање на родовата рамноправност преку поттикнување дебата во јавната сфера, а ЖЕНСКА АРХИВА 2.0 е нивната интернет акција во реално време – обид за архивирање на истакнати жени заборавени од македонската Интернет сфера, преку внесување статии во Wikipedia на македонски јазик. Целта е да го прошириме доминантниот наратив преку актуелизирање на заборавените и потиснати женски гласови низ историјата. Ако официјалната историја ги заборава овие жени, да не дозволиме да ги заборави и Интернетот. Акцијата е отворена за сите заинтересирани – понесете лаптоп и ставете ја вашата хероина на Интернет.
—————————————————————————————-
ФЕМ КНИЖАРНИЦА
фоаје на кино Фросина на кат
Pop-up книжарница со литература од областа на родовите и културните студии, феминизмот, човековите права. Катче за читање и размена на впечатоци, прилика на едно место да ги најдете претставничките на женското писмо, женската проза и поезија од Македонија и од светот.
Издавачки куќи: Табахон, Слово, Сигма Прес, Или-или, Темплум, Магор, Фабрика књига, Академска книга и Блесок
——————————————————————————————
БАЗАР
хол на МКЦ
Слободен простор за презентација и промоција на ракотворби направени од и за поинаквите жени и мажи. Одлична можност да (си) купиш поклон за 8ми март?
Изложиваат: Wizart, Just Because, Плетени колачиња, Глигор Кузмановски, ATAMI & Gaya, Em Ellephanstki, M craft’s, Black Fox, Drama Studio, Bip Art, Soro Jewelry, Александра Шекутковска, LUDUS, IsNoGood, Мима Пејоска, KAPKA Jewelry и Ѓорѓе Јовановиќ