Со учество на околу 200 граѓани од сите населени места во Општина Илинден во Модуларното училиште успешно се спроведе првата форумска сесија од проектот „Форуми во заедницата“.
Главна цел на овој проект е преку партиципација и учество на граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата да се дефинира конкретен предлог проект што е приоритетен за реализација.
Со поздравен говор градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски на присутните гости во преполната сала и им посака успешна работа. Тој истакна дека активното учество на граѓаните е еден од најзначајните фактори во развојот на локалната заедница и дека преку проектот „Форум во заедницата“ жителите од Општина Илинден ќе можат активно да се вклучат во креирањето на локалната политика. Целта на овие форумски сесии е преку избор на граѓаните да се подобрат условите и квалитетот на живеење.
Со сопствени идеи жителите на Општина Илинден ќе придонесат за подобрување на нивниот живот и ќе бидат директно вклучени во дефинирање и реализација на приоритетните активности во Општината.
Инфраструктура, уредување на јавни површини и подобрување на комунални услуги беа темите за кои дискутираа жителите на Општина Илинден и по пат на гласање во првата форумска сесија со 108 гласа ја избраа темата за подобрување на комуналните услуги.
Преку шест форум работилници граѓаните по пат на гласање ќе дефинираат и конкретни акциони чекори за чие имплементирање се обезбедени 4.800.000 денари средства од Буџетот на Општина Илинден и од Швајцарската агенција.