Град Скопје во соработка со СУГС „Лазар Танев“, на 18 септември 2011 година (недела), од 9:00 до 11:00 часот, на Камениот мост во Скопје, по втор пат ќе ја организира манифестацијата „Појадок на мост“.
Раководителот на Секторот за локален економски развој, Слободан Ќосев ги презентираше деталите од манифестацијата „Појадок на мост 2011“, којашто се одржува во чест на Мала Богородица, заштитничката на Градот Скопје.
Пријавувањето за настанот почна на 5 септември 2011 година, а сите заинтересирани граѓани коишто имаат желба да бидат дел од манифестацијата, своето учество треба да го пријават на поставениот пункт на плоштад Македонија, каде што оставајќи ги своите лични податоци ќе добијат бесплатна влезница за појадокот. Новитет во годинешнава организација е што гостите ќе добиваат појадок во пакет. Пријавувањето ќе се трае се додека не исполни квотата од предвидени 2000 гости, имајќи го предвид ограничениот простор на Камениот мост.
По целата должина на Камениот мост ќе се постават маси и столчиња, а гостите ќе ги послужуваат учениците од средното угостителско училиште „Лазар Танев“. Настанот ќе биде збогатен и со музичка програма.
Манифестацијата „Појадок на мост“ е поддржана од голем број ресторани, пекари, супермаркети, производители и увозници на храна и на пијалаци коишто донираа свои производи специјално за овој настан.
Второто издание на манифестацијата, којашто има тенденција да прерасне во традиционална, годинава се совпаѓа со одбележувањето на 20- годишнината од независноста на Република Македонија, претставува уникатна можност Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и сите граѓани и посетителите на Скопје да појадуваат на симболот на заедништвото – скопскиот Камен мост.
На овој едноставен начин, Градот Скопје сака да им овозможи на своите граѓани да се дружат и да ги почитуваат своите и традиционални вредности.