Куклената претстава „Калифот Штрк“ во Центарот за култура – Прилеп

В сабота, 20 април од 19:00 часот и в недела – 21 април од 12:00 часот, театарот „Војдан Чернодрински“, при ЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп премиерно ќе ја прикаже куклената претстава „Калифот Штрк“ од Вилхелм Хауф, во режија на Дарко Ковачовски.


Претставата е со марионетки, која за првпат од ваков вид се поставува во земјата.

Претставата е за деца од над пет годишна до наша возраст. Публиката ќе проследи претстава со марионетки – кукли на конци, водени од мост, што значи дека се гледа куклата и по некој конец без видливо присуство на актерот. Сепак актерите заедно со композиторот ги оживуваат куклите, кои со нивниот живот на сцена ќе ја раскажат приказната за едно дете кое треба да порасне. Калифот Штрк е претстава за спознавањето и одговорноста – вели Ковачовски, потенцирајќи дека текстот е епски материјал – приказна на Вилхелм Хауф, романтичар кој живеел во 1848 во Германија, а за кој биле интересни темите од Блискиот исток, односно Ориентот. Режисерот Ковачовски првпат соработува со прилепскиот театар.

Екипата со која работев е енергична, темпераметна, подготвена да жртвува часови работа во театар. Убаво е чувството кога одиш на проба како да одиш на празник – додава Ковачовски, кој е дипломиран куклен режисер од Академијата „Крсте Сарафов“ во Софија и со сопругата Надја Василева има сопствено ателје за изработка на марионетки, и досега режирал бројни куклени претстави во Србија, Хрватска, Словенија, Чешка.

Во претставата играат Владимир Ѓорѓиески, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Јасмина М.Станкоска, Катерина Чакмакоска, Наташа Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски.

Сценографијата, костимите и куклите се на Надја Василева. Автор на музиката е Владимир Џамбазов.

You May Also Like