Интернационалниот фестивал на филмската камера го наградува еден од најголемите кинематографери на италијанската и светската кинематографија – Лучано Товоли, чиј исклучителен плоден опус со право го вклучува во Клубот на Великаните на „Браќа Манаки“.
Лучано Товоли е роден во 1936 во Маса Маритима, Гросето, Италија. Студирал странски јазици на Универзитетот во Пиза, а потоа Дипломирал на прославениот Експериментален филмски центар во Рим/Centro Sperimentale di Cinema a Roma. Во својата плодна кариера соработувал со плеада најзначајни италијански и светски режисери: Де Сета, Микеланџело Антониони, Франко Брусати, Марко Ферери, Дарио Арџенто, Еторе Скола, Барбет Шредер, Франсис Вебер, Морис Пиала, Нани Морети и др. потпишувајќи над 80 играни и документарни целовечерни филмови.
Од многуте антологиски остварувања, во меморијата на светската публика и критика ќе останат: ПРОФЕСИЈА РЕПОРТЕР (1975, на Антониони, за кој Товоли ја доби наградата “Сребрена лента” на италијанските филмски критичари); ДНЕВНИКОТ НА ЕДЕН УЧИТЕЛ (1971, долгометражен документарен филм на режисерот Де Сета); КИНА (1972, уште еден голем документарен филм во режија на Антониони); ЛЕБ И ЧОКОЛАДО (1973, во режија на Франко Брусати); ПОСЛЕДНАТА ЖЕНА (1975) и ДОВИДУВАЊЕ МАЈМУНЕ (1977), обата во режија на Марко Ферери; ОКЕАНИ (2008, уште едно документаристичко ремек дело во режија на Жак Перен); СПЛЕНДОР (1989) и ПАТУВАЊЕТО НА КАПЕТАН ФРАКАСА (1990), обата филма во режија на Еторе Скола, за кои Товоли стана лауреат, за првиот со наградата на критичарите “Сребрена лента” и за вториот со “Давид од Донатело”; БАКНЕЖ НА СМРТТА (1994, режија Барбет Шредер); SUSPIRIA (1976), ремек дело во хорор жанрот во режија на Дарио Арџенто, со кого Товоли годинава во Кан се претстави со нивниот најнов филм снимен во 3D-ДРАКУЛА НА ДАРИО АРЏЕНТО/DARIO ARGENTO’S DRACULA.
Лучано Товоли, покрај извонредните уметничко-креативни резултати кои го вбројуваат во врвот на светското снимателство, е познат и по ангажирањето за каузата на уметниците-кинематографери, како иницијатор и основач на Европската Федерација на Кинематографери-ИМАГО, за што во 2008 е прогласен за прв Почесен член.
Годинашното, 33-то издание на Фестивалот, ќе се одржи од 15-21 септември 2012.