Театарскиот ораториум „Ромео и Јулија“ во кој учествуваат повеќе од двесте македонски и интернационални уметници вечерва (четврток 12 јули) на Античкиот театар во Охрид ќе го означи стартот на 52-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
52-то Охридско лето ќе трае се до 20 август и според програмата активни ќе бидат сцените на Долни Сарај, Античкиот театар, црквата Света Софија и нејзиното предворје, но и во Заливот на коските.
Најавени се 9 театарски претстави, од нив 5 се премиери и 2 праизведби: „Питачката опера“ на Вацлав Хавел во изведба на Албанскиот театар од Скопје, „Почетокот на народите“ од Јордан Плевнеш на Драмскиот театар од Скопје, „Крвава свадба“ на Јулија Паскал во изведба на лондонскиот „Театар Паскал компани“ и бокачовиот „Декамерон“ во изведба на Македонскиот народен театар и на Театарот за деца и младинци од Скопје.На програмата се уште и „Антигона“ од Софокле во изведба на Театарот од Истанбул, авторската поставката „Копија“ Јанез Јанша од Словенечкиот театар на движење и претставата „Човекот тупаница“ во изведба на „Театарот 199“ од Софија
Во Охрид ќе биде одиграна и веќе култната претставата „Хенри Шести“ на Шекспир во изведба на Народниот театар од Битола што ја претставуваше Македонија на театарската олимпијада во Лондон. Стогодишнината од смртта на генијалниот Август Стринберг ќе биде одбележана со неговата „Госпоѓица Јулија“, во изведба на театарот „Интима“ од Стокхолм под раководство на најпознатата шведска театарска дама, актерката и режисерката Ана Петерсон.
За љубителите на музиката: оваа година гостува еден од најпознатите и највозбудливи уметници на денешната џез-сцена, доминиканскиот пијанист Мишел Камило, чиј концерт е закажан за 16 јули. Роденденот на фестивалот, 4 август ќе биде прославен со настапот на една од најголемите светски атракции, словенечкиот вокален состав „Перпетум Џезиле“ кој на Антички ќе изведува избор од поп, џез, госпел, боса-нова, диско и фанк композиции.
Во музичкиот дел од фестивалот се предвидени и настапи на светски познати вируози на пијаното како рускиот пијанист Андреј Коробејников, французинот Седрик Тибергјен, кипарско-францускиот пијанист Сиприен Кацарис, младиот и афирмиран албански пијанист Замир Кабо и многу други.