Ликовна работилница со децата од улица

Центарот за медиумски активности (ЦМА) од Скопје во соработка со „Пакомак“ во рамките на регионалната платформа „Лице в лице“  денеска и утре (12 и 13 јули) организира ликовна работилница со децата од улица згрижени во Дневниот центар во Шуто Оризари. Настанот ќе биде на тема „Создаваме чиста животна средина“.

Работилницата е продолжување на активностите на платформата кои во еден сегмент се фокусирани на овие деца со цел да ги насочат креативно да се изразуваат. Активностите започнаа минатата година кога се испродуцира и документарниот филм „Сон“ инспириран од работата, животот, начинот на размислување, соништата и креативниот импулс на децата од улица.

Работилницата и овојпат ќе се одвива под менторство на нашиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, кој после кратките приказни за совесниот однос кон животната средина коишто ќе ги презентира тим на „Пакомак“, ќе ги насочи младите учесници креативно да се изразат со преобликување на отпаден материјал создавајќи колажно уметничко дело. Дел од работилницата ќе се одвива во Дневниот центар во Шуто Оризари, а дел во селото Мирковци.

На учесниците ќе им бидат поделени едукативни материјали за заштита на животната средина, а творците на најдобрите ликовни творби ќе бидат наградени од страна на „Пакомак“.

You May Also Like