Денеска (вторник, 4 септември, 2012 година) во 10:00 часот, во Куршумли Ан започнува второто издание на Неделата на дизајнот или Skopje design week.
На годинашното издание на манифестацијата која ќе трае до 10 септември ќе учествуваат гости од Велика Британија, Полска, Чешка, Словенија и дизајнери од Македонија.
Хелсинки е годинашна светска престолнина на дизајнот и оттаму доаѓаат докажани, но и дизајнери кои штотуку зачекоруваат на светската сцена.
„Миксер“ од Белград ќе гостува со меѓународната селекција Young Balkan Designers и ќе има предавање за својот нов концептуален простор во Савамала, заборавена четврт во срцето на Белград, за влијанието што неговите пионерски активности го имаат во раздвижувањето на дизајн сцената, но и на севкупниот општествен и економски развој на Белград.Свои претставници ќе имаат и другите дизајн манифестации, од Загреб и од Софија.
Годинава има поголемо присуство на македонски дизајнери и застапени се македонски компании кои развиваат свој оригинален дизајн.
Покрај изложбениот дел – на двата ката на Куршумли Ан и во просторот зад него – особено значаен дел се и работилниците, презентациите и дискусиите што ќе се одвиваат постојано, во текот на овие седум дена. Во вечерните термини преку недела, а цел ден во деновите на викендот ќе има креативни работилници за деца.