По компликациран оперативен зафат на срцето, на 83-годишна возраст почина Нил Армстронг – првиот човек кој стапна на Месечината.
Во јули 1969 година Армстронг беше на чело на екипажот на вселенскиот брод „Аполо 11“, чија главна задача беше првото слетување на Месечината. Тој на 20. јули стана првиот човек кој стапна на површината на единствениот природен сателит на Земјата. Армстронг и Едвин Олдрин на Месечината поминаа два и пол часа.
За тој лет Армстронг беше награден со медал за исклучителни заслуги од НАСА, а доби и Претседателски медал на слободата и Златен медал од Конгресот, двете најголеми национални награди во САД.
Набрзо потоа Армстронг ја напушти НАСА и стана професор на Универзитетот во Синсинати, каде живееше со својата сопруга Керол.
Армстронг во историјата ќе остане запаметен и по неговата реченица: „Ова е мал чекор за човекот, а голем скок за човештвото“.