Летниот клуб Сектор 909 за овој викенд најавува богата програма со домашни и странски бендови и диџеи. Вечерва (четврток, 28 јуни) ќе настапи најпознатиот балкански хип хоп бенд Bad Copy од Србија заедно со македонскиот диџеј Гоце. Ова ќе биде прв заеднички настап на Ајс Нигрутин, Тимбе и Скај Виклер по 4 годишна пауза.
Bad Copy е основан во 1996-та година од Ајс Нигрутин и Мики Бој. По смртта на Мики Бој во 1999 год кон бендот се приклучуваат Скај и Тимбе. Заедно снимаат два албуми, „Све сами хедови“ (2003) и „Најгори до сада“ (2006). Познати се по нивните многубројни хитови од кои може да се издвојат Uno Duo Tre, Idemo Odma, Zhurka, Dushmanka.
Во 2008-ма го паузираат Bad Copy и продолжуваат соло проекти. Овој нивни заеднички настап е најава за нов албум кој е во подготовка и треба да излезе до крајот на годината. Забавата започнува на полноќ.
Во петок (29 јуни) ќе настапи house легендата од Чикаго, Boo Williams. Поради неочекувани проблеми во последен момент со авионските летови неговиот настап пред две недели беше откажан и преместен за овој петок.
Boo Williams е роден и живее во Чикаго a својата музичка кариера ја започнува во раните 90-ти инспириран и помогнат од Glenn Underground со кој стануваат неразделно дуо до денес и заедно работат како Strictly Jazz Unit. Првите изданија ги има во 94та година за Relief Records и Djax-Up-Beats а веќе во 96та го издава својот легендарен албум Home Town Chicago кој доби свое резидание оваа година. Потоа следуваат изданија за Guidance Records, Ovum, Nite Life Collective и од неодамна за холандската издавачка империја Rush Hour. Кога сето ова ќе се сублимира тој има бројка од над 50 изданија, ремикси и албуми во овие 20тина години креирајќи класики кои сеуште звучат свежо и уникатно и може да се чујат на секој подиум низ светот и на микс компилации на Ministry of Sound, Sony и Cajual.
Како домашна подршка на оваа забава ќе настапи познатиот скопски диџеј Flooder.
Во сабота (30 јуни) скопската издавачка куќа ПМГ Рекордингс го организира својот трет фестивал. На фестивалот ќе настапат голем дел од музичарите од саундтракот на филмот Скопје Ремикс како Bei The Fish, Kanton6, Robotek, Dusko Janevski, Andreaz Hz, Galathea, Nino Naumov,..
Фестивалот започнува во 23 часот.