Романот „Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски е избран на годинашната акција „Роман за лето“ што е во функција на ширење и афирмација на македонската литература.
Изборот е направен според егзактните показатели на Фондацијата „Македоника“, на чиј сајт „Полицајка в кревет“ е убедливо најчитан роман. На сајтот на Фондацијата (www.makedonika.mk) романот на Смилевски е целосно и бесплатно достапен. Фондацијата „Македоника“ е најголемата библиотека на македонски јазик, а нејзината цел е негување на македонското културно наследство.
Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје објави две изданија на романот „Полицајка в кревет“, а сега е во подготовка џепна варијанта на делото.
„Полицајка в кревет“ е криминалистичко-психолошко-еротски роман во кој се разработува феноменот на конфликтните ситуации, кога прогонувачите и прогонуваните доживуваат иста судбина – заедно седнуваат на обвинителна клупа.