Со настапот на Тони Михајловски и Скандал Састаф Бенд, во неделата, на Скопската тврдина Кале, заврши седмото издание на традиционалниот Гурмански викенд со пиво „ПИВОЛЕНД 2014“. Покровител и на годинешново издание на Пиволенд, беше Град Скопје, а организатор Друштвото за угостителство, трговија и услуги „ТЕМОВ ФШТ ДООЕЛ“, Скопје.
– Задоволни сме што годинава ја достигнавме бројката на над 200.000 посетители или во просек околу четириесеттина илјади на секоја од петте фестивалски вечери. И годинава ги реализиравме сите зацртани планови, презентиравме над 40 видови пиво, слушавме добра македонска музика и дегустиравме одлична македонска храна. Се потврди фактот дека скопското Кале е најдобрата локација за организација на еден ваков настан. Веднаш почнуваме да работиме на осмото издание на Пиволенд и се надевам дека идејата да донесеме вистински големо музичко име следната година, ќе ни оствари и ќе стане реалност за нас како организатори, но и за нашата публика која од година во година станува се побројна, истакна Пане Темов, еден од организаторите на Гурманскиот викенд со пиво.
Пиволенд 2014 година почна со настапот на македонската група „Астероид Б 612“, група којашто обезбеди директно учество на „Пиволенд“, победувајќи на „Џифони натпреварот“ за млади таленти одржан во јуни во Градскиот Парк во Скопје.
Во петте пиволендски вечери настапија: Бени и Нон Стоп, Леб и сол, Хроматик Поинт, македонскиот андерграунд бенд Д Џон, Мизар, Селимова-Желчевски, популарните поп изведувачи Влатко Лозановски, Тијана Дапчевиќ, Тамара Тодевска, Димитар Андоновски, Тајзи, Жаре Бербер, Дани Димитровска, Бета Хаус, Тумбао Салса Бенд, Тони Михајловски и Скандал Састаф, како и алтренативните бендови од македонскиот андерграунд: Смат, Сиз, К.У.Р. (Културно Уметнички Работници), и Брука. За љубителите на електронската музика и хипхопот, настапија Дј Славе и Галактик Експлорерс, а за добрата атмосферата се погрижија и МВП од Белград, како и реге составот Јосип А Лисац од Нови Сад.
Годинава Пиволенд понуди околу 50 видови пиво од пивските брендови: Скопско, Heineken, Amstel, Горско, Златен даб, Крали Марко, Tuborg, Carlsberg, Битолско, Kenbach, Lasko, Corona, Peroni, Kamenitza, Bitburger, Duvel, Guinness, Kilkenny, Union, Chimay, Hoegaarden, Leffe, Lindemans, Grolsch, Paulaner, Stella Artois, Murphy’s, Staropramen, Jelen Pivo, Erdinger, Schofferhofer, Dab, Raderberger, London Porter, London Price, Hobgoblin, Trooper.
Како и секоја година, така и оваа влезот на Пиволенд беше бесплатен, а за сите љубители на забавата, повторно беа организирани катчиња каде што се играа познатите пивски игри. Поради огромниот интерес од младите македонски авторски бендови, артисти и диџеи, организацијата на Пиволенд реши да направи уште еден стејџ, таканаречен „Фреш“ на кој сите посетители на Пиволенд можеа да ги слушнат и видат сите нови македонски музички имиња чиешто време доаѓа. Пиволенд годинава распиша конкурс за млади и талентирани бендови и артисти од Македонија, конкурсот траеше 10 дена, додека еминентни македонки музичари како дел од жири-комисијата ги одбраа најдобрите.Победниците на конкурсот за млади и неафирмирани македонски бендови и артисти кои, годинава, добија можност да настапат на фестивалот беа: Problemsolved, Smokeshakers, Tyte (dromrecords), Spank, MarlonBrandoBаnd и TheAutor