Денеска (недела, 26.05.2013 година) под мотото “Возете велосипед!” низ улиците на Скопје се одржа промотивно возење на велосипеди.
Манифестацијата “Возете велосипед!” на која што учество зедоа голем број на граѓани и вљубеници во велосипедот беше организирана од страна на Градот Скопје и Велосипедската федерација на Македонија.
Во возењето на велосипеди учество зедоа и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Претседателот на Велосипедската федерација на Македонија, Сашо Димитриоски, кои изјавија дека целта на ова промотивно возење е промоција и популаризација на велосипедот како рекреативно и алтернативно превозно средство, чие масовно користење има голем број на позитивни придобивки.
– Градот Скопје посветува големо внимание за подобрување на условите за користење на велосипедот во Скопје, преку реализација на голем број на проекти во насока на подобрување на инфраструктурата за возењето на велосипеди во Скопје. Моја заложба е вакви промотивни возења на велосипед со алтернативни траси да се возат најмалку еднаш во месецот – изјави Трајановски.
Трајановски потенцираше дека возењето на велосипед има голем број на придобивки. Велосипедот е еколошко превозно средство кое не загадува, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, има финансиски бенефити и слично.