Вечер (петок, 10 август, 2012 година) во 21:00 часот во црквата Света Софија, во рамките на Охридско лето, гостува познатиот француски пијанист Седерик Тибергјен.
Тибергјен е еден од најзначајните претставници на модерниот француски пијанизам кого критичарите го нарекуваат пијанист-сликар кој умее да наслика многу тонски бои во својата музика, а тоа го прави со храброст, мисловност и медитативност. Школуван на Националниот конзерваториум во Париз, Седрик Тибергјен е добитник на бројни меѓународни награди и признанија на реномирани натпревари по пијано (Бремен, Даблин, Тел Авив, Женева, Милано), кои кулминираат со Првата награда на престижниот натпревар „Лонг-Тибо“ во Париз, во 1998 година, заедно со пет специјални награди, вклучувајќи ги и наградите од публика и оркестарот.
На програмата на вечерашниот концерт се познати дела на Бетовен, Шуман, Шимановски и Дебиси.