Искра Донева: Визијата за мојата иднина, саканите луѓе и креативноста се мојот кременит камен

Таа е вистинска искра – во неверојатна симбиоза со своето име. Подвижник и посветен проследувач на литературните случувања и автор на неколку хаику збирки („Кој ќе ги згрее птиците“„Скакулче игра плочка“, „Татко“, и „Лазарополски хаикуа“). Прва го претставува древниот јапонски жанр хаига кај нас, а освен на литературата, преку здружението „Нова Искра“, посветена е и на подигнувањето на свеста за попродуктивен живот, осебено на луѓето со физичка и ментална попреченост. Искрен разговор со Искра Донева.

iskra_doneva1 (rivatna_arhiva, pfoto by Nake Batev)

1.Годината ја завршивте со книжевна турнеја низ Македонија, читавте стихови пред публика во различни градови, како поминавте, имаат ли луѓето „уши“ за поезија?

– Да, бев во Струмица, Неготино, Кавадарци, Битола, Прилеп, Велес и Пробиштип за да ги промовирам своето творештво и Здружението за мотивација и посреќен, поисполнет и попродуктивен живот на сите луѓе, особено на лицата со физичка и ментална попреченост НОВА ИСКРА Скопје чиј претседател сум. Студеното време малку ја отежна организацијата на настаните и влијаеше на посетеноста, но јас сум задоволна од оваа патувачка авантура. Имаше срдечна дружба, со децениски верни стари, но и нови пријатели, се редеа стихови, музика, фотографии, беа тоа вистински мултимедијални доживување што ја греат душата. Споделувавме искрени емоции со многу насмевки, прегратки, посвети, цвеќиња и по некоја солза. По презентирањето на мојата животна приказна и борба за да застанам самостојно на нозе, присутните си заминаа од промоциите со полни и растеперени срца, со верба во човечноста, смислата и убавината на животот, силно мотивирани за пронаоѓање на сопствената искра и исполнување на соништата. Со тоа мисијата е исполнета. На пролет продолжуваме со турнејата во други градови низ Македонија, можеби и со нови книги, оти моите читатели се и моја инспирација.

nova_iskra_banner_mk

2.Кое е Вашето најрано сеќавање врзано со литературата?

– Моето најрано сеќавање во таа смисла е книгата „Бушава азбука“ под новогодишната елка. Имав 3 и пол години, а таа беше шарена со дебели корици (прво издание) меѓу кои според мојата бујна детска фантазија беа скриени сите земски чуда. Кога ја здогледав, бев многу возбудена и радосна, ги прегрнав родителите од благодарност и седнав да ја прелистувам со сестрите. Долго потоа не се одделив од неа. Се сеќавам дека уште на 5 години веќе знаев да читам и сметам, благодарение на квизовите „Бројки и букви“ и „Квиско“. Најомилена забава ми беше да си најдам некое скришно место во домот, да се снабдам со лимонада и колачиња или смоки и да се изгубам во содржините на живописните колоритни детски книги што ми ги купуваше татко ми. Одново ги „режирав“ случките на јунакот на делото, се соживував со него и му се придружував. Имав тетратки во кои чкрапав чудни знаци од десно на лево (бидејќи сум левак) и се преправав дека запишувам нешто мнооогу важно. Некаде по седмиот роденден, во очекување на првиот училишен ден, седејќи на каучот почнав да кажувам мои мисли, мајка ми зема хартија и пенкало и ги запиша. Така настана мојата прва песна „Мојата мајка“.

iskra_doneva_Lazaropolski_haikua

3.Како „се сретнавте“ со хаикуто?

– Со хаикуто „се сретнавме“ на факултет, на часовите по „Архаични поетики“, кога се запознававме со почетоците на јапонската книжевност. Се вљубив во овој жанр на прво читање. Во тие тристишја ја пронајдов вистинската форма за изразување на мојот сензибилитет. Со неверојатна леснотија почнав д ги забележувам и врамувам во тефтер малите големи чуда на животот кој пулсира во и околу мене. Поискусните од мене само ја констатираа дијагнозата дека сум успешно „инфицирана“ од хаику вирусот (ха,ха,ха).

Отворам врата.
Гледам и комарец
чека да влезе.

( Од „Скакулче игра плочка“)

4.Дали изразувањето и преку хаига како форма дојде некако спонтано по дружбата со хаикуто?

– Отсекогаш сум фасцинирана од фотографијата како медиум, но не сум имала можност да се занимавам посериозно со фотографирање. Често фотографиите на моите пријатели инспирираа некое мое хаику. Истражив малку на интернет и открив дека ако ги вградам стиховите во фотографијата дабивам нов жанр хаига. Тоа ми стана нов предизвик. Кога се намножија доволно за објавување побарав дозвола од повеќе аматерски фотографи од целата држава да ми ги отстапат своите дела. Така започнав интензивна и интересна дружба со членовите на повеќе фотографски клубови. Еве и во оваа прилика им се заблагодарувам на Тони Ангелоски, Ивана Андоновска-Платонче, Димитар Атанасов, Николина Атанасовска, Атанас Бајлозов, Коста Балабанов, Ана Дангова, Даниел Брзанов, Стојче Донев, Соња Ѓорѓиевска, Венета Јанкова, Јулијана Јанковска, Боби Кузмановски, Соња Неделковска, Дарко Петровски, Васко Спанџов, Борјанка Спасовска, Даниела Стефановска, Дарко Христов и Лиле Шијак што беа дел од „Небеска раскрсница“.

На крстопат сум.
Од татко чекам знак.
Липов цвет паѓа!
(Од „Татко“)

iskra_doneva2 (privtna_arhiva_photo_by_nake_batev))

5.Важите за вистинска искра, подвижник и човек кој храбро се спротиставува и ги живее предизвиците. Каде Искра ја наоѓа својата искра?

– Има некаква магија во моето име, јас навистина искрам! (се смее). Се соочувам со безброј предизвици секојдневно, но секој од нив само ме прави посилна и ме води до целта. Се што правам, правам искрено и од срце, со многу љубов, мотивирано и со комплетна посветеност. Визијата што ја имам за себе си во иднина, полнокрвоста на моите соништа, боите, звуците и мирисите на нивното исполнување и луѓето и нештата што ги сакам се кремениот камен кој заедно со креативната искра палат незгаслив оган. Никогаш не се откажувам!

Чевел на клинец
закачен под дрвени скали
-нечие детство.
(Од „Лазарополски хаикуа“)

Александра Јуруковска

You May Also Like