Kонцертот на хрватскиот пијанист Максим Мрвица на „Охридско лето“ на 26 јули 2014 година …
На 26 јули во Античкиот театар, во рамки на фестивалот „Охридско лето“ македонската публика првпат ќе има можност да посети концерт на светски познатиот пијанист од Хрватска Максим Мрвица, кого го нарекуваат „пијанистичкото чудо од Шибеник“ кој молскавично ја освои меѓународната сцена.
Влезниците за концертот на Мрвица во Охрид се веќе достапни во продажба, по цена од 600, 800 и 1.000 денари, во зависност од распоредот на седење.
– Максим Мрвица е музички талент кој на 11-годишна возраст го одржал својот прв концерт како солист со оркестар, а речиси 30 години подоцна важи за еден од најпознатите светски пијанисти и најпродаваниот кросовер пијанист во светот, кој зад себе има 10 студиски изданија, распродадени во повеќе од два милиони примероци во повеќе од 57 држави во светот, достигнувајќи златна и платинеста продажба. Неговите песни остварија и над 60 милиони посети на „јутјуб“ каналот. Потврда за неговиот извонреден талент се и крунисувањата со бројни меѓународни признанија. На 15 години веќе успеа да ја освои првата награда на државното натпреварување во Загреб, а потоа следуваше и освојувањето на првата награда на меѓународниот пијанистичкиот натпревар „Рубинштајн“ во Париз и првата награда на натпреварувањето „Понтуаз“ во Франција, соопштија од „Пасворд продукција“.
Кон врвот на пијанистичката кариера, значаен е и образовниот пат на Максим Мрвица кој од студиите на музичката академија во Загреб, своето музичко образование понатаму го стекнал и на конзерваториумот „Ференц Лист“ во Будимпешта, во „Ecole National des Musique“ и конзерваториумот „Alexander Skrjabin“ во Париз.